1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Металург по добар резултат во Минск

Започнува елиминациската фаза од Лигата на ракометните шампиони. Македонскиот првак Металург денеска (14.03) во Минск ќе го одигра првиот натпревар од осмина финалето на Лигата на шампионите.

default

Натпреварувањето со шампионски предзнак ги отвора портите на првата елиминациска етапа. Во ова повискоко, поселективно и попоровокативно надигрување еден на еден, Металург влегува во битка со првакот на Белорусија, Динамо од Минск. Противник, кој на скопските ракометари им е во сеќавање од летото во 2012-та година, кога играа во финалето од турнирот во Струга.

Филип Миркуловски, извонредниот бек на Металург со респект зборува за квалитетите на Динамо: „Динамо е незгоден противник. Тим, кој ја негува старата руска ракометна школа. Погрешно е мислењето, дека е тоа најслабиот од трите наши можни противници од жрепката. Со нив игравме два пати, еднаш загубивме, еднаш победивме во финалето во Струга. Мораме да бидеме многу внимателни, но ова е наша животна шанса да се пробиеме во четвртфиналето финале.“

Дарко Станиќ, голманот кој ги освои симпатиите на навивачитее на Металург, зад себе има многу вакви тешки мечеви: „Да бидам искрен, го посакувавме овој противник. Но, за да го минеме Динамо, секој од нас ќе мора да вложи максимум. Само така ќе можеме да сметаме на нов исчекор во Лигата на шампионите.“

Filip Mirkulovski

Ракометната сезона е долга и исцрпувачка. Најдобрите екипи играат на два и повеќе натпреварувачки колосека, а најистакнатите поединци имаат дополнителни обврски и кон своите национални тимови. За формата на Металург во моментов, Миркуловски смета дека е добра: „Нашата форма е се’ подобра. Тоа го покажавме во СЕХА лигата со трите последователни победи. Ме радува што здравствениот билтен се подобри. Ми е жал што поради повреда го загубивме Дејан Манасков, но за среќа го добивме Давид Коражија. 30 годишниот Словенец брзо се вклопува во нашата игра и имаше одличен учинок во првите два меча. Многу сме мотивирани, огромна е нашата желба за победа.“

Дарко Станиќ прави куса анализа на играта  на Динамо Минск: „Неспорен е квалитетот на Динамо. Имаат одлични играчи на надворешните позиции. Особено бекот Атман е многу опасен. Но, факт е дека ние имаме една од најдобрите одбрани во Европа и верувам дека ќе знаеме како да им се спротиставиме. Мислам дека тактички сме добро подготвени за овој натпревар.“

Има ли слаби точки во играта на Динамо? Миркуловски „открива“ дел од направените анализи на играта на противникот: „Нивниот напад се базира врз играта на бековите. Бијат од сите позиции. Ќе се обидеме да ги издржиме првите 15-тина секунди од нивните напади, бидејќи потоа стануваат нестрпливи. Тука е и нашиот извонреден голман Станиќ, кој ако го има вообичаениот учинок, можеме да се надеваме и на победа.“

Металург во Минск замина со големи желби и убави очекувања, кои го прават неблагодарно прашањето, за какви и да било резултатски прогнози. Влегуваат во амбиентот на Градската спортска арена со 5000 гласни навивачи, во кој гостинските екипи тешко победуваат, против првакот на Белорусија, земја која на европската ракометна карта има забележително место.

Почетокот на натпреварот е денеска (14.03)  во 17 часот по средноевропско време.