1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Металург е на пат да стане европска величина

Со блескава победа над Силкеборг со 32:18, македонскиот првак Металург го заврши настапот во групната фаза од ракометната Лига на шампионите. Тренерот Лино Червар за ДВ со оценки за силата на клубот и идните противници.

default

Лини Червар

Металург ја мина првата етапа од Лигата на шампионите. По десетте одиграни натпревари, го освои второто местово групата во која беа и Кјелце, Горење, Силкеборг, Шамбери и Санкт Петербург. Позиција, која на македонскиот првак му овозможува повластена позиција во извлекувањето на двојките за осминафиналето. Ваквиот епилог за харизматичниот хрватски тренер Лино Червар е повеќе од добар:

„Многу сум задоволен и горд. Освоивме 14 бодови, што досега не му пошло од рака на ниту еден македонски клуб. Сево ова претставува посебно доживување. Публиката во Скопје е прекрасна, создавајќи ретко убав амбиент за време на натпреварите.“

Лино Червар секогаш е со големи побарувања од играчите и со високи критериуми:

„Одиграното во изминатите 10 натпревари би го оценил со ’4+ ’! Мислам дека никој од противниците не не‘ надигра. Со сите игравме рамноправно или бевме надмоќни. Ги загубивме двата натпревари од лидерот во групата, полскиот Кјелце, со тесен резултат, кој можеше да биде и во наша полза.“

Металург има силен и хомоген тим, комбинација на различни ракометни профили. Червар со задоволство ја истакнува атмосферата,која владее во клубот и околу него:

„Сакам да ја истакнам атмосферата и тимскиот дух. Играчите, дојдени од различни средини, одлично се прифатени. На пример, добар беше потегот со доведувањето на Ренато Вугринец, кој брзо се вклопи. Публиката одлично го прифати. Да не зборувам популарноста на голманот Дарко Станиќ. Убаво е да се игра во Металург. Македонците се спортска нација, ги почитуваат добрите ракометари, така што комплетниот состав има одлична поддршка.“

Symbolbild Handball Deutsche Handball Nationalmannschaft Ball im Netz

Во Лигата на шампиони има многу квалитетни екипи, вели Червар

Три можни противници за осминафиналето

Металург е во очекување на противникот во осминафиналето. Жрепката ќе решава, која од трите третопласирани екипи од другите групи ќе биде следното искушение: шпанскиот „Атлетико Мадрид“, рускиот „Чеховски медведи“ или белорускиот првак „Динамо“ од Минск. Лино Червар не сака да открие кого го посакува, а вака ги опишува можните противници:

„Со Динамо Мински игравме минатото лето во финалето на турнирот во Струга и го победивме. Но, тие имаа одлични настапи во Лигата на шампионите. Рамноправно играа со една Барселона, го совладаа Загреб како гости. Имаат одлични играчи, за секого се опасна екипа. Атлетико Мадрид е име кое предизвикува респект. Таму игра Кире Лазаров, тоа е екипа која во последните десет години постигнува одлични резултати на меѓународната сцена и е во врвот на Европа. Тоа би бил исклучително тежок противник. Екипата на „Чеховски медведи“,е всушност репрезентацијата на Русија. Со тоа е се‘ речено. Значи, моќна екипа. Значи, сите противници се исклучителни. Кого јас посакувам? Оној противник, кој судбината ќе ни го додели! А, ние мораме да веруваме во нашата сила.“

Червар вака го оценува квалитетот што го носи Лигата на шампионите:

„Има многу квалитетни екипи, се игра одличен ракомет, а штотуку претстојат вистинските мечеви и возбудувања. Сакам да потенцирам уште еден момент - дека се елиминирани клубови како што се Монпеље или Шамбери. Нема место и за еден Загреб, а тие се претставници на светските ракометни велесили Франција и Хрватска. Е сега, замислете каков е успехот на Металург, кој само со две години претстој во Лигата на шампионите е во нокаут фазата. Тоа е за честитање на сите во клубот.“

Металург на пат да биде европска сензација

Може ли Металург да отиде и чекор понапред од овој пласман во осминафиналето? Лино Червар зборува за целите во оваа сезона , но и за перспективата на Металург:

„Во секој случај нашите цели се да одиме уште еден чекор напред, можеби два. Но, јас би сакал да откријам нешто што македонската јавност малку го знае. Ние веќе за наредната сезона се подготвуваме да бидеме сензација во Европа. Се работи за петмина нови, млади македонски играчи, со кои веќе 4 години работиме во клубот. Тоа се идни наследници на македонските ракометни великани од типот на Пепи Манасков. Металург е на пат да стане европска величина“, за Дојче веле открива тренерот на Металург, Лино Червар.