1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Меркел ќе биде канцелар на големата коалиција

Ангела Меркел ќе ја предводи владата на коалицијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД. Германија за прв пат ќе има жена како шеф на владата.

Ангела Меркел

Ангела Меркел

„Дами и господа, партиските тела на ЦДУ и ЦСУ денеска едногласно решија оти сме за почеток на коалициони преговори со СПД со цел за формирање голема коалиција“ – објави пред малку во Берлин Ангела Меркел.

51-годишната Меркел, досегашен претседател на ЦДУ и шеф на фракцијата на партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, ќе биде не само прва жена – канцелар на Германија, туку и нејзин досега најмлад канцелар. Синоќешниот „договор во осум очи“ денеска доби поддршка и од претседателството на СПД. Во разговорите меѓу Меркел и Едмунд Штојбер од ЦСУ од една, и досегашниот канцелар Герхард Шредер и шефот на партијата и на фракцијата на социјалдемократите Франц Минтеферинг од друга страна, беше договорено СПД да добие осум министерски места, партиите на Унијата шест плус шеф на кабинетот со министерски статус. Така, сметајќи ја и Меркел, во владата би имало рамнотежа од по осум претставници на двете страни.

ЦДУ ќе го даде и претседателот на Бундестагот, СПД за возврат, наспроти досегашната практика, ќе добие две потпретседателски места. На СПД ќе им припаднат ресорите за надворешни работи, финансии, сообраќај, правосудство, развојна соработка, екологија, здравство и социјала и ресорот за труд, кој повторно се издвојува како самостојно министерство. ЦДУ/ЦСУ ќе дадат министри за стопанство - тоа речиси сигурно ќе биде Едмунд Штојбер, потоа за внатрешни работи, одбрана, образование и истражувања, земјоделство и заштита на потрошувачите и за семејство и сениори. Веќе кружат многубројни шпекулации околу кандидатите за министерските места, но официјална потврда нема, а можно е конечните решенија во тој поглед да бидат дополнително донесени.

Неизвесна е политичката иднина на досегашниот канцелар. Според весникот „Пасауер ное пресе“ тој на синоќешната средба самиот изјавил дека неговиот „животен пат изгледа поинаку“. „Рур нахрихтен“ тврди дека Шредер одбил да биде вицеканцелар.

Партиите на Унијата и СПД ги договориле и тежишните содржински пунктови на реформската политика на идната голема коалиција. До 2010-та треба во истражувања и развој да се инвестираат најмалку 3 насто на бруто-националниот производ, треба да биде поедноставено даночното право, да биде здржана тарифната автономија и со даночни мерки да биде подобрена ситуацијата на семејствата со деца. Коалиционите преговори би можеле да започнат наредниот понеделник.

Реакции на либералите и Зелените

Либералите, поранешен посакуван партнер на ЦДУ, ја објавија намерата да не го дадат гласот за Ангела Меркел при изборот на канцелар во Бундестагот. На „картелот на губитниците“, како што ја нарекуваат идната голема коалиција, либералите не му даваат шанси да опстане ни две години.

На партиите на Унијата и на СПД им се поважни функциите отколку содржината: „Да видиме дали господата ќе вложат толку многу амбиции во решавањето на проблемите“ - рече копретседателот на партијата на Зелените Рајнхард Битикофер.

Зоран Јордановски