1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Меркел ја спушта топката во дебатата за доселениците

Иницијативата на ЦСУ за построги правила против доселувањето поради сиромаштија предизвика голема дебата во Германија. Критика дојде и од редовите на сестринската ЦДУ. Сега во дебатата се вклучи и канцеларката Меркел.

Германската влада прави обиди да најде решение за спорот околу темата доселување. Канцеларката Ангела Меркел и претседателка на ЦДУ за темата денеска разговараше со вицеканцеларот Зигмар Габриел (СПД).

„Тие се договорија - владиниот кабинет на седницата наредната среда да формира комисија на ниво на државни секретари“, изјави заменик портпаролот на владата Георг Штрајтер. Државните секретари ќе треба да проверат дали и кои „оперативни мерки“ би требало да ги преземат надлежните ресори, за да се спречи евентуална злоупотреба на социјалнната помош.

„Нема разлики меѓу коалиционите партнери“

И покрај жестоката критика од политичарите од СПД и ЦДУ, поради толкувањето на ЦСУ за злоупотреба на европската одредба за слободно движење на работната сила со доселување поради сиромаштија, портпаролот Штрајтер негира дека во владата има конфликт. „Секој кој може да чита ќе утврди дека содржински нема разлики меѓу коалиционите партнери“, рече тој.

Никој, вели Штрајтер, не става рака врз одредбата на ЕУ за слободно движење на работната сила, кое се вбројува меѓу централните европски придобивки. Тоа станува јасно и во спорниот документ на ЦСУ, од кој не би смеело да се вади само еден поединечен пасус.

ЦСУ како опција навести евентуални ограничувања за граѓаните од Бугарија и Романија, кои од почетокот на годинава треба да профитираат од одредбата за слободно движење на работната сила. Зад тоа стои стравувањето дека многу граѓани од овие држави би можеле да дојдат во Германија и да ги користат тукашните социјални услуги.

Критика за ЦСУ од локално ниво

Критика за ставовите на ЦСУ дојде и од Сојузот на германските градови и општини. Се разбира законски е утврдено дека доселениците кои бараат работа во првите три месеци немаат право на помош. „Но, не можеме луѓето кои ќе дојдат да ги оставиме да гладуваат“, вели раководителот Герд Ландсберг.

Тој воедно не гледа поврзаност меѓу одредбата за слободно движење на работната сила, која од почетокот на годинава важи за Романците и Бугарите и проблемот со доселување поради сиромаштија. „Кој сакаше да дојде во Германија, можеше да го стори тоа и порано“.