1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Меркел - Штајнбрик: Кротка размена на мислења

Во својот единствен предизборен телевизиски дуел, канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот предизвикувач од СПД, Пер Штајнбрик, се обидоа да ги придобијат гласачите. Дебатата протече мирно, како и изборната кампања досега

„На Германија денес и‘ оди подобро отколку пред четири години“, изјави сојузната канцеларка Ангела Меркел на почетокот на ТВ-дуелот. Заслугата за тоа, тврди таа, ја има владата составена од нејзината Христијанско-демократска унија и Либералите. Владата успеа да отвори работни места и земјата безбедно да ја води низ кризата, гласеше самосвесниот биланс кој го извлече Меркел, која настапи во црн костум и ѓердан во црна, црвена и златна боја, боите на германското знаме.

Канцеларката ги отфрли критиките на својот предизвикувач на изборите, Пер Штајнбрик, на пример за новите задолжувања од 100 милијарди евра во последните 4 гоидни. Не би требало Германија да биде претставувана во полоша светлина отколку што е вистински, реагираше канцеларката на обвинувањето. Меркел планира по 22 септември, денот на изборите, да ја продолжи коалицијата со досегашниот партнер Партијата на либералите.

Во 90-минутното телевизиско испрашување, кое го водеа четворица модератори, Штајнбрик се концентрираше на социјално-политичките теми, упорно инсистирајќи на воведување општоважечка минимална сатнина од 8,50 евра во земјата, со цел вработените со полно работно време да не мора да бидат зависни од дополнителна државна помош. На оваа тема моментно Социјалдемократската партија има поинаков став од ЦДУ, токму затоа Штајнбрик, кој според анкетите значително заостанува зад Меркел, постојано ја истакнуваше.

Штајнбрик употреби остри зборови против Меркел во однос на нејзината политика кон Грција:

„На Грците не смее постојано да им се наметнува консолидирањето, на земјата и‘ се потребни економски имулси за повторно да застане на нозе“, критикуваше Штајнбрик. Ако Грција има потреба од трет пакет финансиска помош, тоа е знак за неуспешна политика на германската влада. Меркел контрираше - токму црвено-зелената влада на социјалдемократот Герхард Шредер беше таа што даде согласност за прием на Грција во еврозоната, и покрај тоа што во тоа време земјата не ги исполнувала потребните предуслови.

Шанса за предизвикувачот Штајнбрик

ТВ-дуелот за Штајнбрик беше шанса на потенцијалните гласачи да им презентира за што се залага на истакнато мирен начин. По бројните вербални гафови во почетната фаза на неговата кандидатура за канцеларската функција, овојпат Штајнбрик настапи исклучително дипломатски, но со цврста и суштинска аргументација.

Канцеларката, искусна во ТВ-дуели, често употребуваше воопштени изјави, но сѐвкупно не ги испушташе конците од рака, не дозволувајќи да биде прекината од четворицата модератори.

Синоќа на улиците на Гермаија беше мирно речиси како кога се игра натпревар на фудбалската репрезентација, зашто милиони Германци го следеа ТВ дуелот пред телевизиксите екрани. Многумина граѓани се‘уште не одлучиле кому ќе го дадат својот глас на 22 септември.

На крајот, и ЦДУ и СПД соопштија свој успех по синоќешното ТВ-соочување на нивните кандидати. Анкетите меѓутоа покажуваат дека Меркел и Штајнбрик синоќа беа речиси изедначени во резултатот од настапот. Експертите исто така истакнуваат- до изборите има уште три недели, а ефектот од ваквите ТВ-настапи обично бледнее неколку дена по нив.