1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел: „Целта не ги оправдува средствата“

Аферата со шпионирањето се наметнува како тема во предизборието во Германија. Кандидатот за канцелар од СПД Штајнбрик ја обвини канцеларката дека ги повредила нејзините обврски. Ангела Меркел се огласи со спротивен став.

Во летното интервју за првата програма на германската телевизија АРД канцеларката Ангела Меркел побара од САД натамошно разјаснување во надгледувачката афера. „Јас очекувам јасна потврда од американската влада, дека на германска територија во иднина ќе се почитува германското право“, рече претседателката на ЦДУ. Иако во време на закани од тероризам меѓусебната соработка има важно значење, „целта, во овој случај од наш агол не ги оправдува средствата“, рече канцеларката.

Меркел нагласи дека многу луѓе со право се вознемирени, што се случува со нивните податоци надвор од Германија. Германската влада за тоа и понатаму ќе разговара со САД и Велика Британија. Заштитата на податоците и во време на борба против тероризмот мора да биде гарантирана: „Не се', што технички е изводливо, смее и да се прави“, нагласи канцеларката. Германија по ова прашање ќе застапува многу стриктна позиција и ова се однесува и за преговорите за заедничко европско право за заштита на податоците.

Притоа меѓу другото е спорно, дали интернет концерните како „Гугл“ и „Фејсбук“ мораат да им даваат информации на државите до кого ги проследуваат нивните податоци. Досега нема постигнато согласност за ова. „Ние имаме извореден закон за заштита на податоците“, вели шефицата на германската влада. „Но ако 'Фејсбук' е регистриран во Ирска, тогаш важи ирското право и затоа ни е потребна заедничка европска регулатива“.

Прекршен е уставот?

Кандидатот за канцелар Пеер Штајнбрик жестоко ја нападна канцеларката: „Госпоѓа Меркел како канцеларка поднесе заклетва, дека ќе го штити германскиот народ од штети“, рече Штајнбрик за „Билд ам зонтаг“. Бундестагот мора да провери дали во овој случај постоеле пропусти во однос на обврските или дури повреда на уставот. „Јас поинаку си претставувам заштита на народот од штети“. Секој месец биле контролирани 500 милиони лични контакт податоци на Германците и германската тајна служба која ја координира канцеларскиот кабинет тоа морала да го знае. „Оној кој седи зад воланот носи одговорност - и тоа сеедно дали е буден или задремал“, рече Штајнбрик.