1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел си стои на изјавата за прислушувањето

„Прислушување на пријатели, тоа никако не оди!“, изјави канцеларката Меркел за шпионирањето од страна на САД во Германија. Колку е оваа реченица веродостојна?

Ангела Меркел, најверојатно последниот сведок сослушан од Истражната комисија на Бундестагот за аферата со прислушување од страна на американската тајна служба НСА, не препушта ништо на случајот. Пред пратениците во Бундестагот да почнат да ѝ поставуваат прашања за трансатлантската шпионска афера, германската канцеларка прочита речиси 30-минутна изјава. Притоа укажа дека „човечката моќ за сеќавање“ по толку многу години „не е секогаш сосема сигурна“

Според изјавата, канцеларката за шпионските програми на НСА, како што е „Призма“, дознала во јуни 2013 година, од новински извештаи. Значи дознала во исто време со јавноста. Откритијата на свиркачот Едвард Сноуден го диктирале дневниот ред и работата на нејзиниот кабинет во неделите и месеците кои следувале. Најважен партнер за разговор во тоа време ѝ бил американскиот претседател Обама, кој нешто подоцна пристигна во долго планирана посета на Берлин. Во таа прилика и во телефонските разговори станувало збор за „прашања на интернетот“ и „Призма“. Притоа, таа јасно ставила до знаење дека е важна „сразмерноста“.

„Веќе не сме во Студена војна“

„Прислушување на пријатели, тоа не оди никако!“ Оваа позната реченица на Меркел е од јули 2013 година. Една друга гласи: „Веќе не сме во Студена војна“. Канцеларката потсети и на тоа. Таа го спомена и настапот на прес-конференцијата пред стотина новинари во Берлин. Меркел се цитираше себеси: „Целта не ги оправдува средствата“. Не смее да се прави сѐ што е технички можно. „На германска територија има придржување до германските закони.“

Сите обиди на пратениците да дознаат нешто ново од својот познат сведок - пропаднаа. Тоа беа прашања за т.н. договор за нешпионирање меѓу Германија и САД, за шпионирањето на европските партнери од страна на германската тајна служба БНД и низа други. Меркел постојано упатуваше на надлежните „екстерти“ за тие прашања во нејзиниот кабинет.

Сведокот Меркел не може или не сака да каже ништо повеќе од она што веќе го имаат кажано луѓето од нејзиното најблиско опкружување. Можеби токму и поради тоа пратениците постојано ја прашуваа за значењето на нејзината позната реченица: „Прислушување на пријатели, тоа никако не оди!“. Дали истото би го рекла ако знаела за подоцна откриеното прислушување на пријателски држави и од страна на германската служба БНД, праша пратеникот на партиите на Унијата, Танкред Шипански. „Стојам на оваа изјава“, одговори Меркел.

 

DW.COM