1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел се извини за злосторствата на неонацистите

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска јавно им се извини на семејствата на 10-те жртви на неонацистичката група, чии злосторства речиси 10 години се одвивале неоткриени од германските власти.

Групата, која случајно беше откриена кон крајот на минатата година, е осомничена дека извршила најмалку 9 убиства на граѓани со имигрантско потекло во периодот од 2000 до 2006 година, и на една полициска службеничка во 2007.

На комеморативната церемонија за жртвите на неонацистите која се одржа во Берлин, пред околу 1.200 гости, Меркел оцени дека „убиствата се срам за Германија“. Таа потенцираше дека дел од роднините на жртвите со години биле погрешно и неправедно осомничени за убиствата и ним директно им порача: „ја барам Вашата прошка“.

Со минута молчење ширум земјата денеска на пладне им е оддадена почит на жртвите на неонацистичката мрежа.

Мерки за справување со десниот екстремизам

И три месеци по откривањето на серијата убиства многу работи остануваат неразјаснети. Меѓутоа забрзано се преземаат чекори за успешно справање со десниот екстремизам во иднина.

Во декември беше отворен сојузен центар на борбата против десниот екстремизам, во кој своите активности ги координираат полициите и контраразузнувачките служби од сите 16 германски покраини како и припадниците на Сојузната служба за заштита на уставот.

Истотака парламентарни истражни комисии и една комисија составена од претставници на сојузните и на покраинските власти се занимаваат со причините и одговорноста за долги години неоткриената терористичка група која себеси се нарекувала „Националсоцијалистичко подземје“.

Автор: БГ/ МФ/ дпа/ афп

Редактор: Александра Трајковска