1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел: Русија и Кина ја слабеат моќта на ОН

Германската канцеларка Ангела Меркел остро ги критикуваше позициите на Русија и Кина во однос на сирискиот конфликт. Притоа таа изјави дека Германија не би учествувала во евентуален воен напад.

„Многу е жално што Русија и Кина долго време одбиваат да се дојде до заедничка позиција во конфликтот во Сирија, што во моментов значително ја слабее улогата во ОН“, изјави сојузната канцеларка Ангела Меркел за денешното издание на весникот „Аугсбургер алгемајнен“.

Двете земји со право на вето повеќепати во Советот за безбедност на ОН го спречија донесувањето на три резолуции против режимот на претседателот Башар ал-Асад, а сега се противат и на воената интервенција во земјата под мандат на ОН.

Меркел нагласува дека употребата на смртоносен гас не може да остане без последици.

„Кога се убиваат мажи, жени и деца со гас, тогаш светот ова едноставно не може да го прифати“, вели канцеларката. Во исто време, таа категорично изклучува учество на германските војници во можна воена интервенција во Сирија без меѓународен мандат.

Германија може да учествува во воени интервенции „само со мандат на ОН, НАТО или ЕУ. Затоа во моментов не се поставува прашањето за учество на Бундесверот“, ги изнесе Меркел своите аргументи. А, ваквата позиција претставува консензус во германската политика. Исто така и опозициската СПД и Зелените се противат на германското учество во евентуален напад на Сирија.

Guido Westerwelle in Ägypten 31.7.2013

Вестервеле ја повикува Русија да си ја преиспита позицијата во однос на сирискиот конфликт

Во одделно интервју, кое ќе биде објавено в недела (01.09.2013) министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле ја повикува Русија да си ја преиспита позицијата во однос на сирискиот конфликт.

„Оние кои замижуваат пред употребата на хемиско оружје ја поттикнуваат неговата употреба. Затоа ја повикуваме Русија да испрати сигнал заедно со меѓународната заедница“, порачува Вестервеле.

Истражувањето на јавното мислење, кое беше објавено во четвртокот (29.08.2013) покажа дека германската јавност е цврсто против воена акција на Западот во Сирија. Според анкетата, шест од десет луѓе во Германија се противат на можен напад, а само околу третина поддржуваат воена интервенција во Сирија.