1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Меркел предупредува да не се брза со Швајцарија

Германија жали поради одлуката на Швајцарците за ограничување на доселувањето, изјави канцеларката Ангела Меркел по средбата со претседателот на Швајцарија Дидие Буркхалтер. Сепак, таа се обиде да покаже помирлив став.

По референдумската одлука на граѓаните на Швајцарија за ограничување на доселувањето во таа земја, германската канцеларка Ангела Меркел прави напор да најде помирлив тон и двете страни ги повикува на воздржаност. Таа на прес-конференција со швајцарскиот ретседател Буркхалтер денеска (18.02 во Берлин изјави дека не треба да „се повлечат сите консеквенции веднаш на почетокот“ и не смее да се дозволи политичката соработка „пребрзо“ да се распадне. Владата на Швајцарија има три години за спроведување на резултатите од референдумот, рече Меркел, додавајќи: „Тоа ќе го набљудуваме“. Сега, според германската канцеларка, со резултатите од референдумот во Швајцарија треба да се постапи така да се задржи најмногу што е можно интензивноста на односите на таа земја и ЕУ.

Референдумот на кој швајцарските граѓани со многу тесно мнозинство од 50,3% се изјаснија за ограничување на доселувањето, предизвика иритации. Швајцарија не е членка на ЕУ, но досега за граѓаните на Унијата важеше правилото на слобода на движење. Швајцарското Министерство за правда на викендот соопшти дека ќе биде стопиран планираниот договор за отворање на пазарот на работна сила за хрватските граѓани. Како реакција на тоа, ЕУ ги замрзна преговорите со Швајцарија за некои образовни и истражувачки програми. Според швајцарксиот претседател Буркхалтер, не е во интерес на ЕУ да ја запре соработката во научната сфера, поради големиот иновационен трансфер од Швајцарија во насока на ЕУ. Би било „разумно“ дискусијата да продолжи, нагласи тој. Освен тоа, Буркхалтер рече дека неговата влада има време од три години за спроведување на резултатите од референдумот, а дотогаш важи правилото за слобода на движење. Тој пледира во Европа да се дискутира за прилагодување на принципите на слобода на движење во однос на Швајцарија. Швајцарскиот претседател тврди дека неговата земја сака да се најде решение со хрватската влада. „Хрватите нема да бидат дискриминирани“, потенцираше тој.

На прашањето на новинарите дали е можен принцип на квоти, германската канцеларка одговори дека тоа не е можно: „Ние нема да извршиме предавство на нашите принципи“, нагласи Меркел. Сепак, таа смета дека прво треба да се сочека и да се види како ќе се спроведат резултатите од референдумот, а потоа да се одлучува за можни последици, а не да се зазема став веќе „на третиот ден по референдумот“.