1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел: не постои „магичен куршум“ за европската криза

Германската канцеларка денеска уште еднаш цврсто порача дека нема да дозволи промена на политиката на штедење и реформи за излез од должничката криза во Европа.

Ангела Меркел предупреди дека не постои „магичен куршум“ за решавање на европската должничка криза, оценувајќи дека растот со помош на нови задолжувања ќе ја врати еврозоната на самиот почеток на неволјите.

„Растот врз основа на кредити само ќе не’ врати на почетокот на кризата и затоа тоа нема да го правиме“, изјави Меркел во говор во Бундестагот, проследен со аплаузи од нејзините поддржувачи.

Изјавата на Меркел доаѓа по резултатите на претседателските избори во Франција, каде победи социјалистот Франсоа Оланд, и на парламентарните избори во Грција, каде голем број гласови освоија радикалните партии, кои се залагаат за откажување на договорите со меѓународните кредитори.

Лидерите на ЕУ на 23 мај ќе бараат начин за излез од кризата, а Меркел и Оланд следната недела во Берлин ќе се обидат да ги надминат недоразбирањата во однос на можниот излез од кризата. Оланд по изборот најави дека ќе се залага за воведување на дополнителни мерки со кои треба да се финансира економскиот раст на земјите во криза.

„Многу се говореше за мерки како еврообврзници или порамнување. Сите тие мерки дојдоа и заминаа, и беше прифатено дека тие не се одржливи решенија. Само едно решение е одржливо: прифаќањето дека надминување на кризата ќе биде долг и тежок процес и може да се постигне само со напад врз корените на кризата, а тоа се ужасните долгови и недостатокот на конкурентност кај некои европски држави“, порача Меркел.

Сепак, една од мерките кои во моментов се разгледува во Германија е предлогот на економистите од германската Централна банка за зголемување на побарувачката во земјата и толерирање на малку повисока инфлација. И министерот за финансии Волфганг Шојбле начелно се согласува во ваквата политика.

„Со зголемување на платите, Германија ќе придонесе да се намалат економските нееднаквости во Европа“, рече Шојбле.