1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Меркел му ги „скрати крилјата“ на Саркози

Во Париз во тек е средба на 27-те земји на ЕУ со државите од брегот на Медитеранот, на која официјално ќе биде востановена Медитеранска унија. Од големиот проект на Никола Саркози, малку елементи ќе бидат оживотворени.

default

Од средбата во Париз

Лани во мај, веднаш по изборот за претседател на Франција, Никола Саркози на големо најави: „Се’ ќе се реши во средоземноморскиот регион. Овде мораме да ја надминеме омразата за да создадеме место за еден голем сон за мир и цивилизација. Дојде времето за заеднички да изградиме Средоземноморска Унија. Таа треба да воспостави врска меѓу Европа и Африка. Како што пред 60 години изградивме унија за Европа, сега тоа ќе го направиме за Медитеранот“.

Според идејата на Саркози, треба да настане една судбинска заедница од државите на ЕУ кои се простираат на средоземноморскиот брег и од нивните јужни соседи. Таа треба на иста маса да доведе спротивставени држави - Алжир и Мароко, Израел и арапските држави. Сето тоа под француско предводништво. Станува збор за конкретни проекти - за изградба на автопатишта, за енергија, за доселувања, за Средоземното море да се направи почисто.


Меркел се спротивстави на идејата на Саркози


Но, плановите на Саркози предизвикаа недоверба во рамките на ЕУ, оти таа си има сопствена политика спрема Медитеранот, иако не многу ефикасна. Германија не сака да дозволи Саркози да ја турне на страна. Затоа канцеларот Ангела Меркел јасно кажа дека нема да се согласи кај новиот сојуз да биде гледач само поради тоа што не лежи на медитеранскиот брег.

„Мислам дека е тоа задача за цела Европа. Не смее да се случи едни да бидат одговорни за Средоземјето, други за Украина, а границата минува некаде меѓу Германија и Франција. Ние, драги Никола, сме поготвени да преземеме одговорност по тоа прашање“, рече Меркел. Со тоа му ги скрати крилјата на „драгиот Никола“.

Проектот сега се вика „Унија за Средоземното море“ и во него учествуваат сите држави на ЕУ. На југот, пак, тоа не беше примено со воодушевување. Саркози мораше повеќепати да испраќа дипломати во Алжир, Египет, Турција. Либискиот револуционерен водач Гадафи не доаѓа во Париз, иако минатата есен таму беше примен во со сите почести.


„Црвен картон“ за Саркози


Силви Гулар, политиколог од Париз, остро го критикува концептот на Саркози за Средоземноморска унија - дека доаѓа по наредба озгора и премалку е во служба на луѓето. „Главен проблем на овој регион е што земјите не разговарат меѓу себе, дека се затворени границите меѓу Мароко и Алжир, и Алжир и Тунис. Тоа значи дека нема ни приближно расположение како во 50-тите години во Европа, кога луѓето имаа заеднички вредности, и покрај војната. Илузија е дека е доволна соработка меѓу владите, за да се наведат оштествата на модернизација“, смета Гулар.

Саркози сакаше првите две години самиот да ја води Средоземноморската унија, со уште еден шеф на држава од југот. И во тоа исто така доби црвен картон, па сега ќе има промени на секои шест месеци. Дури ни Секретаријатот нема да се наоѓа во Франција, како што првенствено предложи Саркози.

►◄