1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Меркел: Македонија во ЕУ и НАТО само со решено прашање за името

На средбата меѓу германскиот канцелар Меркел и македонскиот премиер Груевски се зборувало и за македонските аспирации за членство во ЕУ и НАТО. Меркел смета дека претходно мора да биде решено прашањето за името.

Понуда за помош, но не и посакуваната подршка од Германија за настојувањата на Македонија веќе на претстојниот самит во Чикаго да стане членка на НАТО. Тоа, според реченото на заедничката пресконференција, би било резиме за клучната тема на разговорот на премиерот на Македонија Никола Груевски со германскиот канцелар Ангела Меркел денеска (14.02.2012) во Берлин.

Македонија сака да ја материјализира пресудата на Меѓународниот суд на правдата, дека Грција ја прекршила Привремената спогодба попречувајќи ја евроатлантската интеграција на својот мал северен сосед под референцата ПЈРМ, и врз таа основа да си ја отвори вратата на Алијансата. „Заклучоците на Меѓународниот суд на правдата треба да се признаат и затоа од таму произлегува обврска за Грција. Но, и покрај тоа, основа треба да биде согласност за името што ќе ја постигнат Грција и Македонија“, порача германскиот канцелар Ангела Меркел одговарајќи на новинарско прашање.

Angela Merkel / Bundeskanzlerin / Kanzlerin / Bundesregierung

Канцеларот Ангела Меркел

„И ние посакуваме Македонија да биде членка на НАТО. Но, овде го имаме проблемот со името. Германија отсекогаш се залагала да биде изнајдено решение во разговорите со Грција. За жал, тоа досега не се случи“, рече Меркел и нагласи: „Јас јасно ставив на знаење дека проблемот со името мора да биде решен, инаку не верувам дека ќе постигнеме согласност за членство во НАТО и за започнување преговори за прием во ЕУ. Значи, пред нас ја имаме темата, која сакаме да ја решаваме така што ќе останеме во разговор и Германија ја нуди својата помош, каде и да биде можно“.

слушај аудио 03:17

Пресконференција на канцеларката Ангела Меркел по средбата со премиерот Никола Груевски (германски јазик)

Ние во Европа постојано мораме да решаваме проблеми и сите сме навикнати на тоа дека мора да се прават компромиси. Без тоа ЕУ воопшто не би ни можела да постои“, рече Меркел. Но, не е само проблемот со името, кога станува збор за желбата на Македонија за започнување преговори за пристапување кон ЕУ: „ЕУ укажува дека може уште нешто да биде направено во областа на правниот систем, транспарентноста и рамковните услови. Македонија овде ќе треба решително да продолжи со работа“, наведе Ангела Меркел. Таа и во оваа пригода истакна дека „земјите од Западен Балкан имаат сигурност и ветување дека кога ќе ги исполнат условите, ќе бидат реализирани перспективите за пристап“. Но, без исполнување на условите не можат да бидат направени никакви компромиси, недвосмислено порача германскиот канцелар.

Инаку, таа ги оцени билатералните германско-македонски односи како „многу добри“ и укажа дека во Германија живеат речиси 80 илјади граѓани од Македонија, за кои таа искажа уверување дека „добро се чувствуваат во нашата земја“.

Економската соработка секако може уште да се прошири и од наш агол на гледање треба да се развива, рече Меркел, која на Груевски му укажала оти за германското стопанство од најголема важност се сигурни правни рамковни услови.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski

Премиерот Никола Груевски

Премиерот на Македонија Никола Груевски искажа благодарност за „целосната подршка која ја дава Германија на политиката на отворена врата на Алијансата“. Македонија е „де факто член на НАТО и контрибутор секаде каде НАТО го бара тоа од нас, во нашиот парламент никогаш немало ниту еден глас против учеството во мисиите на Алијансата“, истакна Груевски. „Проблемот кој Грција го има со нас е виртуелен“, рече тој. „Очекувам од самитот во Чикаго уважување на меѓународното право и вреднување дека нашите придонеси, заложби и верување за членство се разумни“. Македонија, според премиерот, прави напори за

слушај аудио 04:31

Изјава на македонскиот премиер Никола Груевски по средбата со канцеларката Ангела Меркел

добивање подршка „од земји кои сметаат дека оваа пресуда треба да се искористи како момент за интеграција, наместо на попречување и земји кои силно веруваат и инестираат во правичноста и меѓународното право“. Германија, според Груевски, несмонено спаѓа во тие земји „како светски предводник на идејата за правдата“.
Во контекст на желбата за членство во ЕУ и Алијансата, Груевски, според сопстените зборови, ја запознал Меркел со мерките што ги презема Македонија за подигнување на стандардите и за подобрување на состојбата „секаде каде има потреба од тоа“.

За премиерот на Македонија билатералните односи се „пријателски на севкупно ниво“. Германија е силен подржувач на Македонија на политички, економски, технички и технолошки план и ние сме благодарни за тоа, рече тој и се заложи за понатамошен развој на билатералните односи „врз основа на европските и евроатлантските вредности“. На Германија и лично на Меркел тој им оддаде признание за „лидерската улога во соочувањето со континенталните предизвици“.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска

Аудио и видео прилози на оваа тема