1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел и Ердоган на дистанца

По посетата на Меркел на Турција: никој не ни очекуваше сериозно дека Ангела Меркел и Реџеп Таип Ердоган ќе станат блиски пријатели. Нивните ставови сепак, премногу се разликуваат, смета Баха Гингер во коментарот.

Германската канцеларка при својата трета посета на Турција за време на својот мандат, немаше влакна на јазикот, што е добро и соодветно. Зашто Турција, од аспект на очекувањата на Европејците, премногу заостанува на пример во однос на слободата на мислењето. Турскиот премиер е исто така познат по воздржувањето од политичка коректност, на пример по прашањето на кипарскиот конфликт. Во турските максималистички позиции во врска со непризнавањето на Јужен Кипар како држава, а исто и како член на ЕУ, не може да се препознае никаква флексибилност.

Но, Ердоган со право бара од Европејците конечно јасен став - дали ја поддржуваат турската аспирација за влез во ЕУ. Германско-француската подготвеност за отворање на натамошни од 35-те поглавја во процесот на пристапување, не им е доволна на Турците. Меркел и овојпат неприкриено ја изрази својата скепса во однос на полноправно членство на Турција во ЕУ, покажувајќи искреност. 

Baha Güngör DW Türkische Redaktion

Баха Гингер, автор на коментарот

Таа истовремено го критикуваше затворањето на турски новинари, на што Ердоган се повика на „независноста на турското правосудство“. Не се работи толку за новинари, туку за поддржувачи на пучистите, терористите и забранетите организации, тврдеше тој. Така, атмосферата на пријателство се ограничи на растечките билатерални трговски односи, трговски волумен од над 30 милијарди евра годишно; на присуството на пет илјади германски фирми во Турција; на многуте заеднички стопански проекти. Но, дали е тоа доволно за зацврстување на традиционално историски добрите билатерални односи? Тешко.

Верските малцинства во Турција остануваат проблем. И покрај малите олеснувања тие се се‘уште далеку од тоа да можат слободно да ја изразуваат верската различност. Меркел пак категорично ја пофали работата на германските фондации во Турција, кои турското раководство постојано ги напаѓа поради наводни активности против интересите на Анкара.

Како резиме на посетата на Меркел на Турција може да се заклучи - гестовите на добра волја не се доволни за отстранување на постоечката напнатост меѓу Берлин и Анкара. Економскиот свет е поинаку скроен од политичкиот: фирмите не мора да победат на избори и се среќни кога цути трговијата, а книгите со порачки се полни. Бизнисмените можат необврзно да бараат прием на Турција во ЕУ. Но, за политиката пресудуваат изборите.