1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Меркел и Барозо се залагаат за поголема контрола врз европските банки

Како последица од кризата со еврото, за големите европски банки би требало да се воведе заеднички надзор. За ова разговараа германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо.

Германската канцеларка Ангела Меркел нагласи дека на европските институции среднорочно им се потребни поголеми можности за контрола. Фискалниот пакт за поголема буџетска дисциплина во ЕУ би можело да биде првиот чекор, смета Меркел: „Оттука разговараме за тоа, колку мора банките да бидат ставени под специфичен европски надзор, за националните интереси да не играат преголема улога“, изјави канцеларката и дополни дека во поинаков случај „монетарната унија не би можела да функционира“. Во еврозоната е потребно повеќе, а не помалку Европа, подвлече Меркел.

Претседателот на комисијата на ЕУ, Жозе Мануел Барозо ја повтори својата идеја за банкарска унија, без притоа конкретно да го прецизира предлогот: „Комисијата во оваа дебата се залага за структурни и амбизциозни мерки, кои сакаме да ги означиме како банкарска унија. Оваа унија би значела интегриран финансиски надзор и интегрирано осигурување на паричните влогови“. Монетарната унија би морала да биде надополнета со економска унија, се заложи Барозо во Берлин. Слични предлози даде и Европската централна банка.

Постета на Барозо на Берлин беше во функција на подготовка на самитот на ЕУ на крајот на овој месец. Двајцата политичари нагласија дека покрај среднорочните размислувања за натамошниот развој на еврозоната и ЕУ, краткорочно би морало да се размислува и за поголем пораст.