1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел има полна доверба во претседателот Вулф

Германската канцеларка Ангела Меркел застана зад сојузниот претседател Кристијан Вулф, кој е мета на критики поради случајот со приватниот кредит земен од негов пријател стопанственик.

default

Кристијан Вулф и Ангела Меркел (фото архива)

„Сојузниот претседател извонредно си ја врши работата и она што треба да се разјасни, ќе го разјасни тој лично“, изјави денеска канцеларката Ангела Меркел, на маргините на посетата на германските војници на Косово. Важно е се‘ во врска со случајот да биде поднесено на увид, изјави канцеларката, додавајќи дека сојузниот претседател ја ужива нејзината целосна доверба.

Претседателот Кристијан Вулф е предмет на критики поради негови поранешни тесни врски со богати стопанственици. Од денеска новинарите на увид имаат документи за кредитот од половина милион евра, што сопругата на еден претприемач му го доделила на брачниот пар Вулф за купување куќа. Вчера, претседателот преку неговите адвокати, објави листа со неговите годишни одмори и патувања кај пријатели стопанственици во времето додека бил покраински премиер на Долна Саксонија.

Опозиционите социјалдемократи денеска (19.12) од Вулф повторно побараа лично да ги разјасни своите поранешни односи со богати стопанственици. Тоа зборува за „чудно разбирање на функцијата“, изјави генералниот секретар на СПД, Андреа Налес, во Берлин. Таа, нагласувајќи дека претседателот речиси секоја година додека бил покраински премиер прифаќал покани за одмор од пријатели стопанственици, рече и дека „уште младите членови на Христијанско-демократската унија знаат дека такво нешто не би смеело да се прави“.

Автор: ЕМФ/СН/дпа

Редактор: Ж.Ацеска