1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Меркел загуби уште една сојузна покраина

Победата на покраинските избори во Долна Саксонија им дава нова надеж на СПД и Зелените во пресрет на парламентарните избори закажани за септември. Многу дилеми за канцеларката Меркел

До доцна во неделата не се знаеше дали коалицијата на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел и Либералите (ФДП) ќе остане на власт во Долна Саксонија.

Но, околу полноќ резултатите станаа јасни: опозициската коалиција на Социјалдемократите и Зелените има едно место повеќе во покраинскиот парламент. Ниту еден аналитичар не може да се сети на толку тесен исход. Победата на централно-левичарската коалиција е возбудлива најава за парламентарните избори кои ќе се одржат во септември, а на кои канцеларката Меркел ќе бара трет мандат од граѓаните. Во конечната пресметка, коалицијата на Меркел ЦДУ-ФДП освои 45,9 проценти, додека опозициската коалиција на СПД и Зелените - 46,3 отсто од гласовите.

Резултатите во Долна Саксонија се поттик за главниот ривал на канцеларката, кандидатот на СПД Пер Штајнбрик.

„Овој резултат значи дека годината е можна промена на владата на сојузно ниво“, изјави Штајнбрик.

Landtagswahl Niedersachsen David McAllister verliert

Досегашниот премиер на Долна Саксонија, Дејвид Мекалистер

Социјалдемократскиот кандидат призна дека серијата лапсуси кои ги имаше за време на кампањата не и помогнаа на неговата партија во Долна Саксонија. Неговата изјава дека сојузниот канцелар треба да добива поголема плата предизвика критики дури и во неговата матична партија. Се јавија и шпекулации дека е можно Штајнбрик да биде заменет со друг кандидат за канцелар. Но, по резултатот во Долна Саксонија, таквата дебата заминува во историјата.

Ново мнозинство во Бундесратот

Со промената на владата во Долна Саксонија, централно-левичарската опозиција сега има мнозинство и во горниот дом на парламентот Бундесратот, кој ги претставува сојузните држави. Социјалдемократите веќе најавија иницијативи пред Бундесратот за воведување минимална плата на национално ниво, поостар прогон на затајувачите на данок и имплементација на данокот на имот.

Канцеларката Меркел и нејзиниот фаворит досегашниот премиер на Долна Саксонија Дејвид Мекалистер ќе мора да се помират со резултатите. Неколку недели пред изборите анкетите покажуваа дека нивната коалиција нема да биде реизбрана бидејќи Либералите нема да успеат да го минат потребниот цензус од 5 проценти. Христијанските демократи оттука презедоа рискантна мисија за да го спасат ФДП. Илјадниците приврзеници на ЦДУ гласаа за сопствената партија на првото ливче, но вториот, т.н. партиски глас го дадоа за коалициските партнери ФДП. Анкетите покажуваат дека 80 отсто од гласачите на ФДП всушност биле приврзеници на ЦДУ. И додека генералниот секретар на ЦДУ Херман Грехе говореше за поделба на гласовите, лидерот на СПД Зигмар Габриел оцени дека ФДП може да преживее само со „трансфузија на крв“.

ФДП привремено спасена

Philipp Rösler FDP Thomas-Dehler-Haus Sitzung PK Pressekonferenz Landtagswahl Niedersachsen

Филип Реслер

ФДП забележа добар резултат благодарение на „сурогат“ гласовите, кои ја доведоа партијата до поддршка од 10 проценти. Но, тоа не и’ помага на централно-десничарската коалиција, туку единствено му е од помош на оспоруваниот лидер на Либералите Филип Реслер. Доколку партијата забележеше лош резултат во Долна Саксонија, неговата матична држава, тој веројатно ќе го загубеше партиското кормило.

Но, ЦДУ скапо го плати пазарот со коалицискиот партнер. И покрај освоените 36 проценти од гласовите, убедливо мнозинство од сите партии, тие сега ќе бидат во опозиција. Прашање е сега дали ЦДУ ќе ризикува слично сценарио и на парламентарните избори во септември.

Социјалистичката Левица, која освои импресивни 12 проценти на минатите избори во Долна Саксонија, овојпат не успеа ниту да влезе во парламентот. Долна Саксонија е трета сојузна држава во западна Германија во која Левицата не успева да влезе во парламентот. И покрај тоа, се очекува партијата да забележи добар резултат на парламентарните избори поради големата поддршка во источна Германија.

Историски лош резултат забележа и Партијата на пиратите, која исто така не го мина изборниот праг од 5 проценти. Партијата која ужива голема поддршка меѓу младите генерации, во последниот период бележи се’ послаби резултати и нејзината иднина е се понеизвесна.