1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Меркел е за останување на Грција во еврозоната

Германската канцеларка по средбата со Андонис Самарас во Берлин порача дека Грција има целосна поддршка за имплементација на реформите. Грчкиот премиер бара повеќе „простор за дишење“.

Германската канцеларка Ангела Меркел инсистира дека сака Грција да остане во еврозоната и изрази увереност дека Атина прави се’ што е во нејзина моќ за да ги надмине проблемите.

Меркел денеска во Берлин се сретна со грчкиот премиер Андонис Самарас, кој повтори дека на неговата земја и’ е потребен повеќе „простор за дишење“ за да ги реализира реформите и да ги имплементира мерките за штедење, но инсистираше дека не и’ се потребни дополнителни средства.

„Не ни е потребна нова помош, но ни треба простор за дишење“, рече Самарас на заедничката прес-конференција со Меркел.

Тој посочи дека Грција ќе ги почитува и исполни сите свои обврски и изрази увереност оти извештајот на меѓународните кредитори, кој се очекува на почетокот на следниот месец, ќе покаже оти новата влада постигнала резултати.

Поддршка од Германија

„Длабоко сум уверена дека новата грчка влада, под раководство на премиерот Самарас прави се’ што е во нејзина моќ за да ги реши проблемите со кои е соочена Грција“, рече Меркел.

Bundeskanzlerin Angela Merkel und Francois Hollande

Ангела Меркел и Франсоа Оланд во Берлин (23.08.2012)

„Знаеме дека за тоа се потребни големи жртвувања, но Германија и’ дава јасна поддршка на Грција на тој пат“.

„Сакам уште јасно да посочам, уште од почетокот на должничката криза секогаш јасно сум кажувала дека Грција е дел од еврозоната и сакам Грција да остане дел од еврозоната“, изјави Меркел.

„Тоа е водилка на сите наши дискусии, затоа што знаеме дека еврото е многу повеќе од заедничка валута, тоа е идеја“, заклучи германската канцеларка.

По средбата со Меркел, Самарас заминува за Париз каде утре ќе се сретне со францускиот претседател Франсоа Оланд. Меркел и Оланд разговараа синоќа во Берлин за европската должничка криза, а германската канцеларка денеска изрази уверување дека Самарас и од него ќе ги чуе истите пораки кои денеска ги слушна во Берлин.