1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел: Еврото ќе опстане, со или без Грција

Германската канцеларка Меркел јасно порача дека од исходот на референдумот ќе зависи дали Грција ќе остане во еврозоната или не. Меркел и Саркози со остри пораки до Папандреу на средбата во Кан

default

Ангела Меркел и Никола Саркози

Со едностраната одлука на грчката влада да спроведе референдум за пакетот мерки што беа договорени на самитот на ЕУ, создадена е извонредно сериозна ситуација, порача канцеларката Ангела Меркел на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Никола Саркози синоќа во Кан:

„Сакаме да помогнеме. Исто така сакаме Грција да остане во евро-зоната. Но, сега ја имаме едностраната одлука на Грција и тоа ја измени ситуацијата. Затоа велиме многу јасно: шестата транша помош може да биде исплатена кога Грција ќе ги прифати сите делови од одлуката на самитот на ЕУ од 27 октомври и дополнително ќе ги расчисти сите сомнежи околу исходот на најавениот референдум, значи кога тој ќе донесе позитивен исход во насока на еврото. Исто така ставивме јасно на знаење дека на референдумот во основа ќе се решава за тоа дали Грција сака да остане во евро-зоната или не?“

Претседателот Саркози, пак, нагласи дека ја почитува одлуката за референдум, но од друга страна грчкиот народ мора да се придржува до правилата што европската заедница на држави си ги пропиша. Тоа во моментов е ставено под знак прашање, оцени Саркози и додаде: „сакаме да најдеме координиран, решителен и конечен одговор!“

Еврото има приоритет пред Грција

Sondertreffen vor G20 Gipfel in Cannes Papandreou

Јоргос Папандреу

Саркози и Меркел му порачаа на грчкиот премиер Јоргос Папандреу на средбата во Кан дека Европа очекува од неговата влада јасен сигнал дека има намера да ги продолжи започнатите реформи, како и санирањето на буџетот. Двајцата исто така му кажаа на Папандреу дека многу ги налутил фактот што не биле на време информирани за неговите намери да спроведе референдум. Исто така му порачаа дека она што е договорено на самитот на ЕУ во Брисел околу помошта за неговата земја нема повторно да биде тема на преговори.

„Еврото како целина мора да остане стабилно. Сакаме тоа да го постигнеме порадо со Грција, отколку без неа. Но, задачата еврото да го одржиме како стабилна валута има приоритет. Тоа е задача кон која се сметаме повеќе обврзани“, нагласи Меркел.

Папандреу на разговорите со Меркел и Саркози манифестирал оптимизам дека грчкиот народ ќе се реши за останување во евро-зоната и најавил дека референдумот ќе се одржи на 4 или на 5 декември, а не во јануари како што првобитно беше најавено.

Автор: Даниел Шешкевиц/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM