1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел: Должничката криза во Грција не е завршена

Должничката криза во еврозоната не е надмината ни со вториот пакет помош за Грција, изјави денеска (27.02.2012) германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот.

default

Канцеларката Меркел при денешното обраќање во Бундестагот

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изрази разбирање за скепсата кон натамошната помош за Грција, но ја бранеше одлуката за новиот пакет помош за презадолжената земја. Таа ги повика пратениците во Бундестагот да го поддржат пакетот наречен Хелас 2.

„Должничката криза е најтешкиот тест на издржливост во европската историја“, порача канцеларката во денешното обраќање пред пратениците во Бундестагот. Во владината изјава пред гласањето за вториот пакет помош за Грција во германскиот парламент Меркел потенцираше дека кризата се’ уште не е завршена и покрај одобрувањето на пакетот со огромна финансиска помош за презадолжената земја.

„Процесот ќе потрае уште неколку години“, изјави Меркел уште еднаш предупредувајќи „Европа ќе пропадне ако пропадне еврото, Европа ќе победи ако победи еврото“.

Angela Merkel Bundestag Abstimmung Griechenland-Hilfspaket II

Од денешната седница на германскиот парламент

„Последиците од банкрот на Грција не може да се проценат“

Планот гласи Бундестагот уште попладнево да гласа за германското учество во новата програма со која Грција до крајот на 2014. година треба да добие натамошни 130 милијарди евра за стабилизација на нејзиниот финансиски систем.

Целта на програмата не е само да се штеди, рече Меркел дополнувајќи „Станува збор за тоа Грција да стане поконкурентно способна и програмата треба да води кон долгорочен економски раст“. Меркел истакна дека не постои стопроцентна гаранција кај програмата за штедење и за реформи во Грција.

„Никој не може да процени, какви последици би имал евентуален банкрот на Грција за светот, Европа и Германија“, истакна Меркел.

За новата помош за Грција конечната одлука треба да падне на Самитот на ЕУ во четврток и во петок во Брисел. На канцеларката Меркел и’ е потребна уставно неопходната согласност од Бундестагот за да може на Самитот да каже „да“ за програмата. Се очекува германските пратеници со широко мнозинство да го одобрат предлогот.

Автор: СН/ АТ/ дпа/ дапд

Редактор: Александра Трајковска