1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел доби нов конкурент

Црвено-зелената коалиција однесе убедлива победа на покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија. Ханелоре Крафт се наметнува како главен противкандидат на Ангела Меркел на централно ниво. Коментар на Фолкер Вагенер

default

Како ретко досега резултатот беше јасен. Партијата на канцеларката дотурка до амбисот. На домашен терен, социјалдемократите (СПД) се вратија на старите патеки, а и коалициските партнери на Меркел- Либерали (ФДП) се вратија во живот. Зелените ја задржаа релативно високата поддршка во Северна Рајна Вестфалија (НРВ), а Пиратите го продолжија трендот на влез во покраинските парламенти.

Од берлинска перспектива, последиците се јасни: за Ангела Меркел сојузните избори веќе почнаа. Доколку сака да биде реизбрана за канцелар во 2013. година, ќе треба да почне со планирање. Нејзините про-бизнис партнери Либералите, направија камбек. Либералите се уште се истата партија која со месеци е во тешка криза, но сега имаат нова суперзвезда и неговото име е Кристијан Линднер.

Само пред неколку месеци, младиот политичар кој за првпат влезе во покраинскиот парламент во Диселдорф на 22-годишна возраст, поднесе оставка на функцијата партиски генерален секретар на Либералите. Беше фрустриран поради политиката на новиот лидер Филип Реслер, кој се покажа како бавен реформатор. Сега, со резултатот од соништата остварен во НРВ, Линднер планира да ги преземе работите во свои раце. На краток рок, Линднер веројатно му ја спаси „главата“ на Реслер, но на долг рок, деновите на Реслер на чело на Либералите се одбројани.

Ретген си даде автогол

За Ангела Меркел, најтешкиот пораз на ЦДУ во историјата на најбројната германска покраина, има и позитивна нота. Препородените Либерали сега можат да и помогнат на ЦДУ да ја задржи власта на централно ниво, на парламентарните избори следната година. По неделните резултати, јасно е дека Меркел не може да смета само на својата партија.

Од друга страна, Меркел има мала одговорност за катастрофалниот исход на изборите во НРВ. Нејзиниот самопрогласен наследник, Норберт Ретген уште на почетокот на кампањата си даде автогол, кога одби јасно да каже дали доколку победи на изборите ќе остане во покраината или ќе и се врати на функцијата сојузен министер за екологија во Берлин.

Deutsche Welle Zentralredaktion Volker Wagener

Фолкер Вагенер

Лекцијата е јасна: гласачите ќе го казнат секој сојузен политичар кому покраинските избори му се единствено одскочна даска за кариера на сојузно ниво.

Сега Ангела Меркел има еден ривал помалку во партијата и може да се концентрира на битката со СПД. Но токму на тоа поле сега се отвораат нови дилеми. Бидејќи победникот на денот се вика Ханелоре Крафт. Се’ досега оваа социјалдемократка ретко беше споменувана на национално ниво.

Нова стратегија

Но, во Берлин партиските стратези сега ќе мораат да ги анализираат резултатите. Изборите во Северна Рајна Вестфалија секогаш биле тест за сојузната влада. И доколку од овие избори беше испратена некаква порака, тоа е дека црвено-зелената коалиција на СПД и Зелените може да се надева на победа на централно ниво. Притоа, се чини дека гласачите во НРВ одлучија дека Ангела Меркел ќе мора да се соочи со досега најсилниот противкандидат.

Ханелоре Крафт поседува нешто со што нејзините внатрепартиски ривали не можат да се пофалат: таа има победено на избори. Тоа ја издвојува од партиските величини како брилијантниот реторичар и финансиски експерт Пер Штајнбрук и Франк Валтер Штајнмајер, кој ужива популарност, но му недостасува „оган“ за врвната функција. Способноста на Крафт да им се наметне на обичните луѓе и’ носи предност и во однос на партискиот лидер Зигмар Габриел, кој пак многумина го сметаат за суетен и како таков, тешко прифатлив за мнозинството.

Во секој случај, старата поговорка го задржа своето значење: Кога Северна Рајна Вестфалија кашла, Берлин фаќа грип.

По 13. мај, лидерите на сите партии одново ќе размислат за се’.