1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Меркел: Да се концентрираме на она што поврзува, а не на она што дели

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска (21.02) од Европскиот парламент побара компромис околу буџетот на ЕУ. Меркел даде владина изјава во Бундестагот, а опозицијата критикуваше дека таа е канцеларка „last minute“.

Предлог буџетот на ЕУ за наредните седум години, според германската канцеларка Ангела Меркел, е добар резултат. Шефовите на држави или влади на ЕУ на 8 февруари постигнаа согласност за буџет кој првпат има предвидено помалку издатоци во споредба со претходниот буџет. За периодот 2014-2020 година се предвидени 960 милијарди евра. Согласност за буџетот треба да даде и Европскиот парламент, кој пак досега стриктно го отфрла планираното, затоа што, како што се аргументира, буџетот не е соодветен за истовремено поттикнување на пораст и инвестиции во ЕУ.

Германската канцеларка денеска во Бундестагот ги бранеше плановите на шефовите на држави или влади на ЕУ. „Никому во Европа не би можело да му стане јасно зошто сите во Европа мора да штедат, само Европа самата не мора.“ Меркел во германскиот парламент апелираше до европските пратеници: „Би било добро кога не би го гледале она што ги дели, туку би се концентрирале на она што ги поврзува Советот и Парламентот.“

Германските опозициони социјалдемократи ја критикуваат политиката на канцеларката. Кандидатот на СПД за канцелар, Пер Штајнбрик, ја обвини канцеларката дека презема премалку во борбата против кризата и дека е канцеларка „last minute“. Според Штајнбрик, претераното штедење е погрешно, зашто не води кон пораст. Наспроти тоа, шефот на пратеничката група на либералите Рајнер Бридерле, изјави дека плановите на Штајнбрик за зголемување на даноци нема да го поттикнат развојот, туку ќе уништат работни места.

Шефот на пратеничката група на опозиционите Зелени, Јорген Тритин, ја обвини канцеларката дека со буџетот на штедење на ЕУ ја принудува Европа на нешто поинакво од она што самата го практикува. Германија се спротивстави на кризата со „инвестиции финансирани од кредити“, нагласи Тритин, а сега се крати буџетот на ЕУ, што во услови на економска криза е „неодговорно“.