1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел го отпушти министерот Ретген

Прво ги загуби изборите во покраината Северна Рајна Вестфалија, а сега остана и без работа - канцеларката Меркел го отпушти министерот за екологија Норберт Ретген.

Норберт Ретген мора да си замине. Канцеларката Ангела Меркел го отпушти министерот за екологија Норберт Ретген по изборниот дебакл во Северна Рајна Вестфалија. Ова е првпат Меркел да отпушти свој министер. Нов министер за екологија ќе биде парламентарниот раководител на пратеничката група на партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ), Петер Алтмајер. Тој е близок човек на Меркел. Според канцеларката, Алтмајер ќе се посвети на задачата „со полна сила“. Со тоа се отвора патот за нов персонален почеток во министерството за екологија.

„Преминот на други извори на енергија е централна задача во овој легислативен период“, изјави Меркел. Алтмајер сега мора да работи на напуштање на атомската енергија и на постепено зголемување на количеството на енергија добиена од еколошки извори. Канцеларката му се заблагодари на Ретген за неговата работа.

Новиот министер, Алтмајер, изјави дека им се радува на новите предизвици, но свесен е за големата одговорност „која е поврзана токму со оваа дејност“.

Deutschland Landtagswahlen NRW Reaktionen CDU Angela Merkel und Norbert Röttgen in Berlin

Меркел првпат отпушти свој министер

Критики на сметка на Меркел

Опозицијата ја критикува одлуката на Меркел. Зелените оценија дека отпуштањето на Ретген е нов „хајлајт“ во трајната криза во владејачката црно-жолта коалиција. „Оваа влада не е способна“, изјавија шефовите на пратеничката група на Зелените, Клаудија Рот и Јирген Тритин, а слична е оценката и на генералниот секретар на СПД, Андреа Налес.

Канцеларката во понеделникот се‘ уште тврдеше дека Ретген може да остане на министерската позиција. Ретген долго време важеше за принц-наследник на канцеларката. По поразот на изборите во Северна Рајна Вестфалија, на кои ЦДУ постигна историски најслаб резултат, Ретген уште вечерта во неделата (13.05) се повлече од функцијата шеф на ЦДУ во покраината. Покраинската ЦДУ по одлуката за отпуштање на Ретген од министерската функција, денеска покажа незадоволство. Шефот на пратеничката група на ЦДУ во покраинскиот парламент Карл-Јозеф Лауман изјави: „Не разбирам како Норберт Ретген до неделата вечерта, до 18 часот, важеше за извонреден министер за екологија, што и беше, а денеска е отпуштен.“ Волфганг Бозбах, експерт во ЦДУза внатрешна политика, денеска за „Келнер Штатанцајгер“ вели дека „кога некој е на земја, не треба и да се гази по него“. За порталот „Цајт онлајн“, пак, Бозбах е уште подиректен: „Јас ќе му дадев втора шанса. Малку повеќе човечност добро би ни дошла.“