1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел го доби највисокото американско одликување

На државниот банкет, што во чест на германската канцеларка Ангела Меркел го приреди претседателот Барак Обама во Вашингтон, двајцата политичари го истакнуваа длабокото пријателство и сојузништво меѓу двете земји.

Ангела Меркел и Барак Обама со Орденот за слобода

Ангела Меркел и Барак Обама со Орденот за слобода

19 почесни плотуни и фанфари на балконот на Белата куќа. Претседателот Барак Обама ја дочека Ангела Меркел со сите воени почести, што според протоколот се предвидени за претседатели на држави и крунисани глави. Толкава чест доживеа само поранешниот канцелар на Германија, Хелмут Кол, и тоа пред цели 16 години, поради неговите заслуги за помирувањето во Европа и надминувањето на поделбата на стариот континент.

Ангела Меркел, на која канцеларот на германското обединување Хелмут Кол и‘ беше политички ментор, веќе одамна се еманципира од него. Исто како што и Германија очигледно се еманципира од влијанието на светската супер сила. Германската влада имаше поинаков став од американската во однос на начините како да се излезе од светската финансиска криза. И при гласањето во Советот за безбедност на ОН за воениот ангажман на Западот во Либија

Германската канцеларка и американскиот претседател на прес конференција во Вашингтон

Германската канцеларка и американскиот претседател на прес-конференција во Вашингтон

Германија не му даде поддршка на ставот на САД и другите европски сојузници, како Франција и Велика Британија. Конечно, владата на Меркел се реши неодамна за забрзано откажување од атомската енергија во земјата, што исто така претставува самостоен чекор.

„Никогаш нема да заборавиме“

Но, на свеченоста и на разговорите меѓу владините делагации на САД и Германија вчера во Вашингтон, никој не сакаше да зборува за разликите. Претседателот Обама при приемот на гостинката од Берлин нагласи дека таа е прва европска политичарка, која ја дочекува со толкави почести од неговото доаѓање на власт. Трансатлантскиот сојуз е камен-темелник на американските настојувања да донесат мир и благосостојба во светот, порача Обама:

„Германија, во срцето на Европа, е еден од нашите најсилни сојузници. А канцеларката Меркел е еден од моите најблиски партнери.“

И Ангела Меркел возврати со потсетување на темелите и големата важност на трансатлантските врски:

Пред Белата куќа во Вашингтон

Пред Белата куќа во Вашингтон

„Кога ѕидот и бодликавата жица ја делеа Германија и цела Европа, тогаш Америка консеквентно стоеше на страната на слободата и не’ поддржа нас, Германците, на патот кон слободата и повторното обединување. Тоа нема никогаш да го заборавиме!“

Не мора секогаш да се има ист став

Сепак, на заедничката прес-конференција со Обама, Меркел порача дека наспроти ваквата тесна поврзаност, двете земји не мораат секогаш да имаат исти ставови.

На политичките разговори меѓу владините делагации на двете земји стануваше збор за кризата на Блискиот Исток, каде Американците се надеваат на посредување на германската дипломатија. Исто така, Обама очекува зголемен ангажман на Германија при обновата на Либија по заминувањето на властодржецот Моамер ел Гадафи:

„Очекувам тогаш, како што било и во минатото, дека ќе имаме полна и сеопфатна помош од Германија на повеќе полиња“, порача американскиот претседател Барак Обама.

Автор: Кристина Бергман / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM