1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел: Германија не е семоќна!

Германскиот парламент ќе гласа за европска „кочница за долгови“ уште во јуни. Тоа е решено на денешната (14.06) дебата во Бундестагот на која канцеларката Меркел пред самитот Г20 најави непопустлив став околу штедењето.

Опозиционите Социјалдемократи и Зелените застанаа на иста страна со германската влада во однос на спасот на еврото. На 28. или 29. јуни Бундестагот треба со нужното двотретинско мнозинство да даде согласност за европскиот Фискален пакт, кој ги обврзува земјите од еврозоната на финансиска дисциплина. Опозицијата како услов за својата согласност бараше владата да се заложи за воведување данок на финансиски трансакции и европски пакет за поттик на економскиот развој. За деталите по овие прашања треба да биде постигната согласност до крајот на следната недела.

И Бундесратот, каде за донесувањето на законите решаваат сојузните покраини, треба да гласа за Фискалниот пакт на 28. јуни. Истовремено, двете парламентарни тела треба да го одобрат европскиот механизам за стабилизација. Овој постојан чадор за спас на еврото треба да започне да функционира од први јули.

Дебата за Г20 во сенка на должничката криза

Свесноста за заедничката одговорност стави печат и врз дебатата во Бундестагот околу претстојниот самит на Г20 идната недела во мексиканскиот Лос Кабос. Меѓусебните партиски обвинувања по владината изјава на канцеларката Меркел беа во граници. Јасно беше дека на сите во германскиот парламент им е јасна сериозноста на финансиската криза.

Така Меркел само неколку минути посвети на важните теми на самитот на Г20 како глобалната заштита на климата, справувањето со гладта во светот и слободната светска трговија. Потоа, таа се сврте кон европската должничка криза. Нејзиното надминување е можно само „ако се зафатиме со корените-масивното задолжување и пред се‘ недоволната способност за конкурентност на одделни држави, како и недоволната доверливост и веродостојност на Европа за придржување кон сопствените правила“.

Пред 20 години во Европа беше решено создавање монетарна и политичка унија, но беше реализирана само монетарната унија. Овој пропуст сега треба да се надополни, побара канцеларката.

Frank-Walter Steinmeier G20-Gipfel in Mexiko

Франк-Валтер Штајнмајер

Меркел најави цврст став во Лос Кабос

Сегашната ситуација настана „зашто константно беа игнорирани фактите, промените беа одлагани за во иднина, беа преценувани силите и беа применувани ризични инструмнети од финансиски вид“.

На сите оние кои во Лос Кабос од Германија ќе бараат еврообврзници, фондови за стабилизација, европски фондови за осигурување на влоговите и уште повеќе милијарди, Меркел им порача:

„Германската сила не е бесконечна.“

Успех во справувањето со кризата е можен само ако не бидат преценети силите на Германија. Во Лос Кабос мора да стане јасно дека предусловите за силен и траен економски развој во светот не може да ги создаде еврозоната сама. Консолидацијата на државните буџети мора да биде важен елемент на акциониот план за поголем развој, изјави Меркел, категорично апострофирајќи ги САД. Кина и другите земји во забрзан развој мора да ја сфатат својата одговорност, дозволувајќи флексибилни менувачки курсеви на валутите. Конечно, мора уште многу да се направи во контролата на финансиските пазари во светот.

„Германија сериозно го сфаќа својот дел од одговорноста во светската одговорност“, истакна канцеларката.

Опозицијата ја критикува Меркел

Токму во последната точка, регулацијата на финансиските пазари, Франк-Валтер Штајнмајер од опозиционата СПД и‘ противречеше на Меркел:

„Каде се германските предлози, каде е германското предводништво?“, праша тој.

Државните долгови во многу европски земји пред банкротот на американската банка Лиман брадерс беа на историски ниско ниво. Дури преку неодговорното тргување на финансиските пазари тие беа доведени на сегашната висина. Шефот на пратеничката група на СПД побара покрај неопходното консолидирање на државните буџети и поттик на економскиот развој во Европа.

„Се‘ повеќе чадори за спасување не помагаат без економски развој. Ваквата политика доживеа неуспех, токму стоиме пред нејзините руини“.