1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел „вџашена“ од насилството во Турција

Германската канцеларка Меркел денеска (17.06) се изјасни критички околу ситуацијата во Турција и побара мирно решение. „Во секој случај, да бидам искрена, вџашена сум како и многу други луѓе“, рече таа во интервју за РТЛ

Германската канцеларка Ангела Меркел не сака да и‘ дава на турската влада совети однадвор, но нагласи дека во Турција „која оди во 21 век“ би морале да се прифатат и луѓето кои имаат спротивни мислења. Канцеларката, во интервју за телевизијата РТЛ, ги критикуваше острите постапки на премиерот Реџеп Таип Ердоган против демонстрантите. „Она што во моментов се случува во Турција не соодветствува со нашите претстави за слобода на демонстрирање и слобода на изразување на мислењето“, рече Меркел.

Шефот на конзервативната Христијанско-социјална унија (ЦСУ) Хорст Зехофер оцени дека актуелната состојба во Турција е потврда за неговиот негативен став во однос на приклучувањето на таа земја кон ЕУ.

Claudia Roth

Клаудија Рот беше директен сведок на случувањата во Турција

„Ние сме против полноправно членство на Турција во Европската унија“, изјави Зехофер и додаде дека актуелните слики и информации од Истанбул се само потврда за ваквиот став. ЦСУ, која заедно со Христијанско-демократската унија на Меркел и либералите, е дел од владејачката коалиција во Берлин, со години се противи на целосно приклучување на Турција кон ЕУ.

Вчера, шефицата на опозиционите Зелени, Клаудија Рот, ја критикуваше острината со која полицијата постапува во Турција и побара поддршка за демократското движење во таа земја „на сите нивоа“. Клаудија Рот беше лично во паркот Гези во Истанбул во моментите кога тој беше расчистуван од страна на полицијата.