1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Меркел во деликатна мисија во Лондон

За време на својата посета на Лондон, германската канцеларка Меркел денеска ќе мора да ја избегне опасноста дополнително да му ја отежне состојбата на британскиот премиер Камерон.

Црвениот килим како добредојде за германската канцеларка Меркел во Лондон ќе биде само дел од офанзивата на шармирање на Британците. Ангела Меркел ќе ја има честа да се обрати во двата дома на парламентот, а потоа ќе се сретне и со кралицата. Тоа е признание за нејзиниот статус на најмоќен европски политичар.

Но нивото на добредојдето укажува и на политичката агенда затскриена зад помпата и параваните. На британскиот премиер Дејвид Камерон му е потребна поддршката на Меркел кога станува збор за темите поврзани со ЕУ. Камерон е под притисок да ги оствари ветувањата дадени пред гласачите за реформи во ЕУ. Тој исто така најави и референдум за членството во ЕУ во 2017. година.

Камерон бара реформи

Со наближувањето на изборите следната година, Камерон се обидува да

профитира од растечката недоверба кон ЕУ на островот. Анкетите покажуваат и дека се соочува со растечки рејтинг на анти- ЕУ Партијата за независност. Една од главните промени во правилата на ЕУ на кои инсистира Камерон е намалувањето на правата на мигрантите од сиромашните земји-членки, кои мигрираат во богатите членки за да го искористат тамошниот социјален систем.

Многумина во Конзервативната партија го поддржуваат барањето за реформи на ЕУ на Камерон. Џон Редвуд, евроскептичен пратеник го повтори тоа во пресрет на посетата на Меркел. „Гласачите во Велика Британија сакаат реформи во повеќе области. Реформа на социјалниот систем, подобра контрола на границите, поевтина енергија, подобра заштита на храната, помалку мешање во малите компании. Во секоја од овие области владата во Лондон е блокирана од законите на ЕУ“.

Меркел веќе сигнализираше дека е подготвена да му помогне на Камерон во однос на слободата на движењето во ЕУ, со цел да се спречи ткн. социјален туризам меѓу земјите-членки. Но за време на престојот, веројатно и ќе го потсети Камерон дека на европската агенда се наоѓаат многу поважни прашања, како кризата во Украина, како и економијата во еврозоната.

Политички приоритети

Алмут Мелер од Германскиот совет за надворешни односи вели дека за Германија е од клучно значење да продолжат реформите во еврозоната. „Домашниот предизвик на владата на Камерон ја доведува во прашање целата ЕУ и тоа ја става во игра и Германија. За Меркел, прашањето е колку може да си дозволи агендата да и биде киднапирана од она што се случува во Британија. Врвен интерес на Германија е заздравувањето на еврозоната, а не да му помогне на Камерон да ги заузда своите евроскептици“.

Во секој случај, Германија не го поддржува евентуалното напуштање на Британија на ЕУ. „Тоа е голем пазар, и од него сите профитираат. Традиционално, Британија и Германија имаат силни врски. И секако, доколку се случи една земја, во случајов третата најголема, да ја напушти ЕУ, тоа ќе значи големи превирања во целата Унија, и прераспределба на моќта, што не мора да значи дека ќе биде во корист на Германија“, вели Мелер.

На денешната средба, двајцата лидери најверојатно повторно ќе се согласат дека не се согласуваат за одредени аспекти на ЕУ политиката. Но домашниот притисок врз Камерон останува, и доколку биде реизбран во 2015. тој најверојатно ќе мора да го реализира најавениот референдум за иднината на Британија во ЕУ. Дебатата во Британија за нејзината улога во ЕУ веројатно ќе продолжи уште долго откако ќе биде собра црвениот килим за Меркел.