1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел ветува расветлување на скандалот околу тајните служби

За програмата „Призма“ јавноста знае еден месец, а американската влада до денес ги нема одговорено централните прашања за скандалот. Канцеларката Меркел бара разјаснување, но има и разбирање за однесувањето на сојузникот

Откако поранешниот американски таен агент Едвард Сноуден на почетокот на јуни ја обелодени програмата за надгледување на американската тајна служба НСА, многу прашања и натаму се отворени, призна германската канцеларка Ангела Меркел во едно интервју за германската новинска агенција ДПА. Но, таа вети: „Ќе вложиме напори да одговориме на нив, штом ќе имаме појасна ситуација. И се' што и покрај обврската за тајност ќе можеме да го објавиме, ќе го објавиме јавно“. Германската влада во средата (03.07) го информираше парламентарното контролно тело на Бундестагот за она што таа го знае.

„Највисок приоритет на моето делување е заштита на нашите граѓани во Германија“, рече Меркел. Тоа го мисли од двоен аспект: „Од една страна, исто како и САД, сакаме делотворна заштита од терористичките закани и знаеме дека во борбата против тероризмот на соработката со САД сме и' благодарни за постојани, важни укажувања“. Во овој контекст Меркел потсети на апсењето на т.н. Група од Зауерланд, со што можеа да се спречат евентуални страшни напади во Германија. „Од друга страна, кон секое слободно општество припаѓа и заштитата на приватната сфера на граѓаните и сите упади во оваа сфера мораат стриктно да се покорат на принципот на сразмерност и да бидат спроведени според правото и законите“.

Со американскиот претседател Барак Обама Меркел веќе двапати детално разговара за темата „Призма“. „Ние договоривме, како нашите служби, така и надлежните министерства, наредните недели во Вашингтон да ги разгледаат деталите за сите прашања.“

Во понеделник експертската група на САД и ЕУ треба да започне со советувања. На средбите во Вашингтон исто така ќе има и германска делегација со претставници од владата и тајните служби, која ќе се обиде да ги расветли информациите.

Доколку последните медиумски информации се точни, тогаш тоа би било случај кој би можел да ги оптовари односите, бидејќи прислушувањето и надгледувањето на амбасадите и претставништвата на ЕУ е неприфатливо, рече Меркел. „Студената војна е минато“. Слично во понеделникот се произнесе и владиниот портпарол Штефан Зајберт кој рече: „Прислушувањето на пријатели е неприфатливо, тоа воопшто не оди“.

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во едно интервју за весникот „Билд“ увери дека германските тајни служби не шпионирале реципрочно во САД. „Американската влада не е објект на набљудување на германските тајни служби“, рече Фридрих. Доколку се покажат како вистините информациите дека американските тајни служби ја надгледувале работата на гераманската влада „не само што ќе бараме тоа веднаш да мора да престане, туку ќе бараме и извинување“, нагласи Фридрих.

Тој меѓутоа претпоставува дека Американците само „го прават тоа, што го прават сите тајни служби, имено прецизно ги анализираат струите податоци кои доаѓаат во нивната земја“, смета гераманскиот министер.

Неделникот „Шпигел“ и британскиот весник „Гардијан“ на почетокот на неделава информираа дека американската тајана служба НСА систематски прислушувала претставништва на ЕУ во Брисел, Вашингтон и Њујорк, како и амбасадите на Франција и други земји на ЕУ. Исто така се информираше и за наводно масовно собирање на интернет и телефонски податоци, при што Германија била една од целите.