1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Меркел вети сеопфатна помош за настраданите подрачја

Долниот дом на германскиот парламент денеска расправа за планот за реконструкција на подрачјата настрадани во поплавите кои ја зафатија земјата овој месец.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја отвори дискусијата во Бундестагот со опис на состојбата и со лично видување за трагедијата која ја преживеале луѓето во погодените региони.

„Токму затоа ние треба да помогнеме брзо и на небирократски начин“, порача Меркел следена со аплауз во парламентот.

Сојузната и покраинските влади се договорија минатата недела да обезбедат 8 милијарди евра за санирање на штетите од поплавите. Планот треба да биде одобрен до 5. јули, по што се отвора патот за брза санација на штетите од најголемите поплави кои ја погодија Германија во последните децении.

Меркел најави дека приоритет ќе имаат реконструкцијата на инфраструктурата и земјоделскиот сектор. Проследена со негодување од опозициските пратеници, канцеларката се пофали дека средствата за реконструкцијата ќе ги обезбеди владата без притоа да се зголемуваат даноците, благодарение на добрите финансиски политики во изминатите години.

Меркел посочи дека проблемот со поплавите и заштитата од катастрофи е пан-европски проблем и дека соработката на тоа поле со другите држави се интензивира.

Клучен збор во нејзиното излагање беше „солидарност“, и таа во неколку наврати изрази гордост за луѓето кои заеднички се бореа за надминување на тешката состојба.