1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Меркел вети помош, поплавите се шират кон северна Германија

Додека состојбата со поплавите на Дунав попушта, загрижува реката Елба. Покраината Саксонија Анхалт мора да се подготви за екстремно високо ниво на водите. Во Пасау во посета беше канцеларката Ангела Меркел.

Во делови од германските региони зафатени од поплавите е на повидок лесно повлекување на водите. Дунав кај Пасау е во опаѓање од неколку сантиметри на час, како што соопшти баварската служба за екологија. По непрекинатите врнежи од дожд со денови, центарот на градот се‘уште е под вода.

Наспроти тоа во градот Регенсбург ноќеска е прогласена вонредна состојба поради природна катастрофа. Нивото на Дунав стигна до 6,80 метри, што е рекорд во последните 130 години.

Канцеларкатаво посета

При посетата на Пасау германската канцеларка Ангела Меркел им вети итна помош, ослободена од бирократски одолговлекувања, на погодените региони во јужна и југоисточна Германија.

„Сојузот вчера веќе стави на располагање 100 милиони евра“, изјави Меркел, придружувана од баварскиот премиер Хорст Зехофер. Парите се наменети за Баварија, Саксонија и Тирингија. Меркел најави финансиска помош и за Саксонија Анхалт. Канцеларката ја пофали работата на спасувачките екипи и доброволните помошници.

Hochwasser Rettungsaktion Passau

Пасау под вода

Поплавите се шират кон север

Во меѓувреме поплавите се шират кон северниот дел од земјата. Нивото на реката Елба во Саксонија се зголемува, зашто надоаѓаат огромни водени маси од Чешка. Реката ноќеска во градот Мајсен северно од Дрезден се излеа од заштитните корита, навлегувајќи во центарот на градот. Евакуација се‘уште не е планирана, состојбата се држи под контрола. Во Дрезден до утре се очекува пораст на водостојот од 1,5 метри, со што нивото би било само еден метар под т.н. поплава на векот од 2002 година. На Саксонија Анхалт и‘ претстои допрва најлошото.

Поплавите предизвикаа катастрофални состојби и во странство.

Во Австрија се во прекин повеќе железнички линии, под вода се делови на градови. Во Словачка престолнината Братислава се подготвува за надоаѓањето на Дунав. Словачката метеоролошка служба прогласи највисок степен на готовност. Бродскиот сообраќај на Дунав е во прекин. Од Чешка, Австрија и Швајцарија се јавува за вкупно десет жртви, како и за бројни евакуации.