1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел бара широк консензус за Сирија

Германската канцеларка Ангела Меркел се надева дека може да се постигне меѓународен консензус околу одговорот на наводните напади со хемиско оружје во Сирија на самитот на Г20.

Меркел, која во неколку наврати одлучно отфрли германско учество во евентуалната американска воена акција против режимот во Сирија, повика на нов обид за да се убеди Русија да поддржи заеднички мерки против Сирија.

„Ние јасно кажавме дека Германија нема да учествува во воена акција во Сирија, но додадовме дека ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да дојдеме до заеднички одговор на меѓународната заедница“, изјави Меркел во германскиот парламент.

„Не мислам дека решението е извесно, но времето треба да се искористи. И затоа сакаме да го искористиме самитот на Г20 за да се обидеме да постигнеме заедничка позиција на меѓународната заедница. Мислам дека тоа е во заеднички интерес“.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој е жесток критичар на западната политика кон Сирија, изрази сомнеж во тврдењата дека Асад извел напад со хемиско оружје на 21 август годинава, по што се засили притисокот за воена интервенција во Сирија.

Германскиот магазин Шпигел, повикувајќи се на анонимни извори, објави дека германската разузнавачка служба располага со информации во поддршка на ставот дека владините сили во Сирија употребиле хемиско оружје. Началникот на разузнавањето Герхард Шиндлер информирал за време на тајна средба со пратеници од Бундестагот за пресретнат телефонски разговор меѓу претставник од либанската Хезболах и иранската амбасада.

Во него се споменувало дека силите на Асад дале наредба за хемиски напад. Претставникот на Хезболах навел дека „не издржале нервите на Асад“ и тој „направил голема грешка“. Шиндлер додал дека тоа е доказ оти владините сили извршиле напад со хемиско оружје.

Состојбата во Сирија воопшто не е на агендата на самитот на 20-те најразвиени земји во светот, но проценките се дека темата ќе доминира во разговорите на дводневниот состанок во Санкт Петерсбург.