1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел бара забрзување на процесот за приклучување на Турција

Германската канцеларка Ангела Меркел сака да ги поттикне тешките преговори за приклучување на Турција во ЕУ. Истовремено, таа во Анкара ја потврди својата скепса околу полноправно членство на оваа земја во Унијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се изјасни за отворање ново поглавје во преговорите. Во преговорите за приклучување на Турција има 35 поглавја, а досега се отворени само 13. Од нив е затворено само поглавјето за наука и истражувања. Според Меркел, за да се овозможи напредок Турција треба да го потпише таканаречениот Анкара-протокол за признавање на Кипар. Поради нерешеното кипарско прашање, Европскиот совет блокира 14 поглавја од преговорите со Турција.

„Треба да се решат некои проблеми“

Ердоган на заедничката прес-конференција со Меркел изјави дека ја замолил германската канцеларка за поддршка на турското приклучување во време на ирското претседателство со ЕУ. Турција поради големиот број договори со ЕУ и петте милиони Турци кои живеат во државите на ЕУ и онака „се чувствува речиси како членка“, рече Ердоган, додавајќи дека сега треба да се решат уште некои проблеми.

Околу Анкара-протоколот турскиот премиер укажа на нерешениот проблем на Кипар. Островот е поделен по турската воена инвазија во 1974 година. Турција сака да го признае грчкиот дел на островот, кој припаѓа на ЕУ, тогаш кога Унијата ќе се откаже од изолацијата на турскиот дел на Кипар.

Меркел нагласи дека ЕУ води преговори со Турција кои се „отворени“ во однос на крајниот резултат и затоа не може да се предвиди кога би можело да следи членство во ЕУ. Канцеларката отфрла полноправно членство на Турција и се залага за „привилегирано партнерство“.