1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел бара воздржаност во конфликтот околу антиисламскиот филм

Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика сите страни вклучени во конфликтот околу антиисламскиот филм да покажат воздржаност и умереност. „Насилството не е средство за соочување“, рече Меркел во Берлин.

Германија се залага за мирен соживот на религиите, изјави денеска (17.09) германската канцеларка Ангела Меркел на традиционалната прес-конференција во Берлин. Сликите од судирите во различни земји секогаш одново ја будат свеста во Германија и Европа за тоа колку е важна демократската уреденост во ЕУ, оцени канцеларката. Таа дополни дека исто така важно е да се заштити мирниот соживот и слободата на мислење и вероисповед.

Слободата на мислење во Германија е едно од највисоките добра, но тука има и ограничувања, подвлече Меркел. Зата германската влада забрани влез во земјата за американскиот свештеник Тери Џонс, кој стана познат со палењето на Коранот.

Bundespressekonferenz Angela Merkel Berlin

Меркел на традиционалната средба со новинарите во Берлин

Претходно, деснопопулистичката партија Про Дојчланд најави дека има намера да го покани Тери Џонс во Германија. Партијата исто така, најави и можност да го прикаже антиисламскиот филм во кој пророкот Мухамед е прикажан како насилник и женкар. Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих по ваквата најава реагираше со изјава дека нема да дозволи прикажување на филмот, нагласувајќи дека сега е потребно сите да покажат мудрост и да не дозволат да бидат испровоцирани. За весникот „Билд“ Фридрих изјави: „Филмот се вбројува во низата работи кои се невкусни и ги повредуваат верските чувства. Затоа барам поголема почит за верските чувства на луѓето, се‘ едно дали станува збор за христијани, евреи или муслимани.“

Од редовите на опозицијата на ваквите најави на министерот дојде спротивставување. Дитер Вифелшпиц од опозиционата СПД оцени дека надворешнополитичка „обѕирност не е доволна за да се влијае врз основните права“. Еден од водечките политичари на Зелените, Фолкер Бек, смета дека за забрана на прикажување на видеото нема основа. „По се‘ она што го видов, филмот е невкусна глупост, но нема содржина за која кривично се одговара.“ Шефот на синдикатот на германската полиција, Бернард Витхаут, за рбб-Инфорадио исто така рече: „Во Германија постои големо право на слобода на мислење. Тоа така и треба да остане.“