1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел: Ако пропадне еврото, ќе пропадне и Европа

Потрагата по решение на должничката криза во еврозоната станува трескавична. Францускиот претседател Саркози не можеше да присуствува на раѓањето на неговата ќерка зашто побрза на кризна средба со канцеларката Меркел.

default

Ангела Меркел и Никола Саркози

Неколку денови пред Самитот на ЕУ во Брисел, Германија и Франција земаат нов залет во намерата да утврдат заеднички пат за излез од должничката криза во еврозоната. Изненадувачки францускиот претседател Никола Саркози во Франкфурт на Мајна се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел. Очигледно Саркози имаше намера да ги надмине недоразбирањата со Меркел и да се се утврди патот за делотворен пакет мерки против кризата на Самитот на ЕУ во Брисел во текот на претстојниот викенд.

Nicolas Sarkozy in Frankfurt 19. Oktober 2011

Никола Саркози во неочекувана посета на Германија

Предигра за Самитот 

На набрзина свиканата средба присуствуваа и претседателот на Европската Централна банка во заминување, Жан Клод Трише, неговиот наследник Марио Драги, претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, првиот човек на Еврогрупата, Жан Клод Јункер, како и министрите за финансии на Германија и на Франција, Волфганг Шојбле и Франсоа Бороан.

Меркел и Саркози на крајот не дадоа коментари за исходот од средбата. Тие се наоѓаат под голем притисок бидејќи пред кратко време најавија дека до Самитот на ЕУ ќе биде изготвен заеднички пакет за надминување на кризата.

Состанокот во Франкфурт се оддржа на маргините на прославата организирана по повод заминувањето на Жан Клод Трише од местото прв човек на ЕЦБ.

Меркел: Мора да се стори се’

Канцеларката Меркел во говорот на церемонијата ја истакна подготвеноста на Германија за решителна реакција на финансиската и должничка криза:

„Мора да се стори се’, за да се спаси еврото и да се надмине кризата“, рече Меркел, истакнувајќи дека притоа не треба да биде табу тема ниту евентуална промена на Реформскиот договор на ЕУ од Лисабон.

Merkel / Trichet / EZB

Ангела Меркел и Жан Клод Трише

„Иднината на еврото е неделливо поврзана со европскиот проект во целина. И затоа велам: ако пропадне еврото, ќе пропадне и Европа“, предупреди канцеларката.

Претходно претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо во говорот во чест на Трише апелираше решително да се зајакне Европскиот фонд за помош на финансиски загрозените земји, ЕСФС.

Инаку во фокусот на германските, но и на европските дискусии, се наоѓаат повеќе модели преку кои ЕСФС би требало да добие дополнителна финансиска моќ.

В петок во Брисел за тоа ќе разговараат министрите за финансии на 17 држави-членки на еврозоната. В сабота пак во расправата ќе се вклучат министрите за финанансии и за надворешни работи на сите 27 земји-членки на ЕУ. Шефовите на држави или на влади кои се состануваат в недела имаат намера да усвојат што е можно повеќе важни заклучоци во таа насока.

Автор:   Симе Недевски/ кв/ртр/фпа/афп

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM