1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мексико слави 200 години независност

Во Мексико се одржува голема прослава по повод 200-годишнината од почетокот на борбата против Шпанија за независност и 100 години од револуцијата. Сенка врз прославата фрла војната против наркокартелите.

default

Парада за празникот

Претседателот на Мексико Фелипе Калдерон деновиве е на сите телевизиски екрани. Со телевизиски спотови го претставува својот четврт владин извештај. Централна тема во него - безбедноста.„Знам дека криминалитетот во земјава вознемирува многу семејства. Од првиот ден на мојата влада се обидуваме со криминалот фронтално да се справиме.“

Непосредно пред 200-годишнината од независноста, Калдерон се обиде да ги придобие граѓаните за борбата против наркокартелите. Од неговото доаѓање на власт, во борбата против трговијата со дрога загинаа околу 28 илјади луѓе.

Војна која не може да ја добијат војската и полицијата

Експертите тврдат дека полицијата и војската не се во состојба сами да ја добијат војната против наркокартелите. Причината за тоа е што накробосовите немаат тешкотии да најдат соработници во земјата, во која секој трет граѓанин е без работа, а младите немаат никаква перспектива. 200 години по независноста, Мексико и натаму го оптоваруваат социјалната поделеност и раширената сиромаштија.

Mexiko Drogenkrieg

Мексиканската полиција уапси во повеќе наврати важни наркобосови

Мексиканскиот писател Хуан Вилјоро смета дека политиката на Калдерон е заглавена во ќорсокак: „Тоа е војна на владата, а не на државата. Мнозинството луѓе верува дека таа ќе заврши со заминувањето од власт на Kалдерон. Тоа е негова војна, проблемот е што тој не успеа да го вклучи општеството во неа.“

Општа загриженост за ситуацијата во Мексико

Загриженоста за ситуацијата во Мексико расте и во странство. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон ситуацијата во Мексико ја спореди со Колумбија пред 20 години, кога наркокартелите таму контролираа делови од земјата.

Мексико денеска, 200 години по борбата за независност, се наоѓа во сенката на борбата против дрогата, тоа е тема за луѓето низ целата земја.

Symbolbild Mexiko Drogen Krieg Gesetz Gerechtigkeit Anarchie

„Мислам дека е тешко да се реши проблемот, а тоа не е можно одеднаш, туку постепено. Претседателот Калдерон води силна борба против криминалот, мислам дека ќе успее,“ смета една жена.

„Борбата против криминалот е потребна, но претседателот претерува. Тој треба да најде други приоритети. Мора најпрво да се грижи за сиромашните, да им најде работа, да ја поттикне индустријата. Тоа е многу поважно. Важна е и борбата против дрогата, но таа не е најприоритетна“, смета еден Мексиканец.

И покрај проблемите, Мексиканците слават, зашто тие се премногу горди за да откажат одбележување на толку значаен јубилеј за нивната земја.

Автор: Мартин Полански/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска