1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меккејн и Обама пред големото финале

На последниот ден пред гласањето, претседателските кандидати на републиканците и демократите повторно ќе ја пропатуваат Америка. Според анкетите води Обама, но Меккејн не се откажува така лесно.

default

Кој ќе биде идниот американски претседател, Обама или Меккејн?

Ако им се верува на анкетите, тогаш републиканецот Џон Меккејн тешко дека ќе успее да победи. Така мисли и лично Карл Роув, човекот кој се смета за сива еминенција во последните две претседателски кампањи кај републиканците. Тој во неделата за ТВ Фокс изјави: „Последната анкета според којашто водеше Џон Меккејн беше на 25 септември. Оттогаш мислам дека се направени уште 251 анкета.“

Тимот на Џон Меккејн не се предава

Во последниве денови од републиканскиот табор се повикуваат на сопствени анкети во одредени сојузни држави, според кои се топи предноста на демократот Барак Обама пред нивниот кандидат. Исто така факт е дека во пресметките има одредени непознаници. На пример околу неопределените: дали тие нема воопшто да гласаат, ќе му се приклонат ли на Меккејн или нивните гласови ќе им ги поделат на обајцата? И што значи тоа што милиони Американци веќе одлучија? Демократите сметаат дека кај нив ќе завршат поголемиот дел од овие гласови, иако тие би сакале да освојат и нови.

Wahllokal in Ohio USA

Во некои места веќе започна гласањето

Бесмислено, велат републиканците, кои сметаат дека на денот на изборите демократите сепак ќе добијат помалку гласови. Џон Меккејн навистина ќе настапи под најтешките услови до сега, вели и Фред Томпсон, поранешен сенатор од Тенеси кој исто така се кандидираше како кандидат кај републиканците, но тој во изјавата за Ен Би Си констатира: „На крајот Џон е најсилниот. Тоа е така од секогаш. Луѓето и друг пат грешеле во проценките за него. Но, тој е сега во негов елемент и одлично функционира. Не би рекол дека се’ е завршено. Одлуката ќе биде донесена на изборите.“

Демократите се во предност

Пред крајот од кампањата демократите имаат значителна предност. Тоа пред се’ лежи на сеопфатната и навремена организација на кампањата, објаснува шефот на изборниот штаб на Обама, Дејвид Плаф. „Голема предност е да го имаш теренот сам. Една од причините што добро стоиме во држави како Индијана, Северна Каролина и Флорида е дека таму кампањата на Меккејн беше арогантна. Тие си спиеја мирно и не ни помислуваа дека во овие места ќе имаме шанса. Но, ние таму ја започнавме кампањата два три месеца пред нив,“ објаснува Плаф.

И покрај предноста од таборот на Обама се трудат да не делуваат триумфално. Гласачите не треба да останат дома затоа што сметаат дека се’ е решено. Предупредувања пристигнаа и од Џон Кери, претседателскиот кандидат на демократите во 2004 година, кој иако на само неколку дена пред изборите водеше на анкетите, загуби од Џорџ Буш. Причина беше видео порака со нови закани за терористички напади која токму пред гласањето ја објави лидерот на Ал Каида, Осама Бин Ладен.

DW.COM