1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Медиумска војна

Во Македонија се води своевидна медиумска војна меѓу двата моќни медиумски групации - Медиа принт Македонија (МПМ), која го претставува капиталот на германскиот конзорциум „ВАЦ“ и медиумите околу Велија Рамковски.

default

Медиумскиот колач во Македонија годишно изнесува од 15 до 20 милиони евра, а во година на избори е многу побогат. Јавниот спор меѓу двете медиумски групи покажа дека во Македонија има многу недопрецизирани одредби за медиумите, дупки во законите, особено во делот на медиумската концентрација на моќта, која е забранета и со Законот за радиодифузија, но и со директивите на ЕУ. Токму ЕК во извештајот за напредокот на Македонија во реформите потребни за членство во ЕУ, од минатата недела, укажува на недозволената концентрација на медиуми.

„Луѓето од медиумите ги користат дупките во регулативата“

Според Законот за радиодифузија, еден сопственик на медиум не може да поседува и печатен и електронски медиум истовремено. Велија Рамковски ги поседува обата - посочува МПМ. Истрагата на Советот за радиодифузија покажала дека формално Рамковски не е газда на повеќе медиуми, иако тој самиот истото јавно го признал. Проверката сега ќе оди преку Комисијата за заштита на конкуренцијата која ќе треба да го следи текот на парите во овие медиуми, или поточно текот на рекламите.

Mazedonien Land und Leute EU-Vertretung Gebäude in Skopje

ЕК во извештајот за напредокот на Македонија укажува на недозволената концентрација на медиуми

„При ваква лабава регулатива во која не се знае точно кој се‘ може да формира медиум, мора правно да се покрие оваа дупка за да не остане недоречено како сега, затоа што тоа ни‘ прави проблеми. Луѓето од медиумите не се наивни, нивно е да ги користат тие дупки, а наше е да ги покриваме. Затоа, во наредниот период ние ќе мораме да ги затвориме овие дупки“, вели Стефановски.

За претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Роберт Поповски судирот, кој не е прв ниту последен, има две компоненти. Првата е дека медиумите не работеле законски: „Во нивната пресметка се гледа дека има проблеми од аспект на легислативата, плаќање даноци и начинот на почитување на законите и тоа говори дека државата не ги контролира медиумите на начин на кој би требало да ги контролира“, вели Поповски и додава дека одговорот на прашањето - зошто им се гледа низ прсти го знае секоја владеачка гарнитура која потоа тоа може да го злоупотреби во практикувањето на власта.

Втората компoнента, според него, е дрскоста на медиумските тајкуни во однесувањето: „Еден таков амбиент создава атмосфера дека во Македонија нема шанси ние да сме 34-ти, како што не‘ рангираа Репорети без граници. Ситуацијата воопшто не е розова. Ние живееме и работиме во многу полоши услови“, вели Поповски.

Како овој судар ќе заврши?

Упатени во проблемот за Дојче Веле наведуваат дека е многу веројатно во заднината на пресметката да стои ново медиумско прегрупирање, мешање на картите од страна на власта и обид за намалување на влијанието на трите печатени изданија на МПМ-весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“. Поповски вели дека во секој случај, не е добро ако нема завршница и ако нема санкции, односно ако јавноста не ги препознае матните работи. Не е добро во Македонија да се има впечаток за недопирливи луѓе, затоа што тогаш не може да се зборува за демократија.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска