1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Медведев: воената операција е пред крај

Рускиот претседател Медведев најави привршување на операцијата во Јужна Осетија, иако воените дејства во грузискиот регион не престанаа во текот на ноќта и утрово. Ситуацијата во главниот град Цхинвали катастрофална.

default

Кризна седница за конфликтот во Јужна Осетија

„Завршен е значаен дел од операцијата со која грузиските власти се приморани да се врати мирот во Јужна Осетија“, изјави рускиот претседател Дмитри Медведев по советувањето на државниот и армискиот врв во Москва. Тој додаде дека главниот град, Цхинвали е веќе под контрола на руските мировни трупи, поради што воената интервенција е пред крај.

Нема прекин на борбите

Само до пред неколку часа руските авиони беа во акција. Утринава гранатираа радарска станица во близина на грузискиот главен град Тбилиси и база во близина на пристанишниот град Поти на Црното море. Според Александар Ломаиа, шеф на грузискиот безбедносен совет, во акција биле околу 50 руски авиони, а во неа се повредени околу 20 цивили. Руската страна возврати дека биле гаѓани воени цели и ја продолжиле акцијата бидејќи Грузија не го почитувала едностраното примирје кошто вчера самата си го прогласи. И агенцијата АФП јавува дека грузиските сили со артлериски оган во текот на ноќта го гаѓале Цхинвали, при што не се исклучува поголем број на жртви. Според руската армија во тие напади загинале тројца нивни војници, а 18 се ранети.

Ситуацијата во Цхинвали катастрофална

Еден локален свештеник од Цхинвали предупредува дека „ситуацијата во градот е многу тензична“.

„Овде се случува хуманитарна катастрофа. Нема вода, а уништена е целата инфраструктура во градот“, вели тој.

На Кавказот се бројат илјадници мртви, стотици повредени и дестици илјади бегалци. Оние кои што успеаа да стигнат до руската граница раскажуваат страшни сцени.

„Три дена седевме во подрум, без вода, без струја, а бомбите паѓаа врз нас“, вели една жена.

„Страшно е. Пред се за децата. Што сториле тие, за што се винови ? Ќерка ми се буди навечер, не може да спие и не можам да ја смирам“, раскажува оваа млада мајка.

Конфликтот може да се пренесе и во Абхазија

Во меѓувреме, агенциите јавуваат дека кон Јужна Осетија се движат големи руски воени конвои со десетици тенкови и артилерија, како и голем број војска. Москва цело време бара „безусловно повлекување“ на грузиските борци. Го продолжи и ултиматумот за разоружување на грузисите сили стационирани во близина на втората грузиска сепаратистичка република Абхазија. Според агенциските извештаи руските мировници стационирани таму се подготвени за евентуална акција. Портпаролот на грузиското министерство за внатрешни пак соопшти дека „тие нема да и предадат ниту едно парче оружје на Русија“. Западните земји постојано предупредуваат дека конфликтот од Јужна Осетија, може лесно да се пренесе и во Абхазија.


DW.COM