1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Медведев бара засилена борба против тероризмот

Рускиот претседател Дмитри Медведев денеска побара значително заострена борба против тероризмот. „На Русија и’ е неопходна максимална заштита од атентати“ со оглед на Зимските олимписки игри во 2014 година, нагласи тој.

default

Рускиот претседател Дмитри Медведев

Шефот на Кремљ денеска упати јасна критика на сметка на работењето на руските тајни служби, како и на мерките за безбедност на аеродромот Домодедово. Ова е сериозен сигнал за тајните служби и другите безбедносни структури во државата, порача Дмитри Медведев и побара „построг систем на контроли, значи тотална контрола. Тоа ќе значи подолго чекање за патниците, но тоа е единствениот излез“, нагласи Медведев. Тој на средбата со раководните структури на тајните служби во Москва побара и поостри казни за одговорните од владините редови, кои се одговорни за патничкиот сообраќај.

Борба за животите на повредените

Во болниците околу меѓународниот аеродром Домодедово лекарските тимови уште се борат за животите на 47 лица, кои се потешко повредени во вчерашниот атентат. Министерката за здравство Татјана Голикова не исклучува бројот на жртви да се зголеми:

Domodedowo Moskau Flughafen

Пропусти во безбедносните структури: полициски сили на аеродромот Домодедово

„Тоа се повреди како при експлозија на мини. Има и голем број скршеници, како и оштетување на белите дробови поради штетните гасови од експлозијата.“

Бројот жртви и повредени е зголемен поради металните делови што ги содржела бомбата. Меѓу досега идентификуваните жртви се наоѓа и еден германски граѓанин, како и двајца британски. Надлежните истражни органи се’ повеќе сметаат дека извршителот на атентатот би можела да биде жена. Во секој случај тие претпоставуваат дека зад атентатот се кријат екстремисти од кавкаскиот регион, каде руските сили за безбедност со години се борат против разни сепаратистички и екстремистички групи.

Едногласна осуда

Од меѓународната заедница дојдоа осуди на бомбашкиот напад што досега однесе 35 жртви, додека повеќе од 180 се водат како повредени. „Членките на Советот за безбедност остро го осудуваат терористичкиот напад изведен во Москва на меѓународниот аеродром Домодедово“, се наведува во соопштението што го прочита актуелниот претседател на Советот, претставникот на Босна и Херцеговина, Иван Барбалиќ.

Domodedowo Moskau Flughafen Anschlag

Бројот жртви може уште да се зголемува: повредено лице по атентатот

„Шокиран сум од терористичкиот напад на најпрометниот аеродром во Москва и остро го осудувам тој ужасен акт“, се наведува во соопштението од генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. „Заедно сме во таа борба и заедно треба да се соочиме со неа. Затоа во Советот НАТО - Русија треба да ја продлабочиме соработката во борбата со тероризмот. НАТО ја изразува својата солидарност со рускиот народ и руската влада“, посочи Расмусен.

Нападот го осуди и претседателот на Европската унија Херман ван Ромпoј, кој на претседателот на Русија Дмитриј Медведев му испрати порака за солидарност од целата ЕУ.

Обама нуди помош

Осуда дојде и од американскиот претседател Барак Обама. Портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс, порача: „Остро го осудувам овој акт на тероризам против рускиот народ на аеродромот Домодедово. Сакам да ја изразам солидарноста на американскиот народ со рускиот.

Robert Gibbs Pressesprecher Weißes Haus

Портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс

Решени сме да застанеме заедно со вас во заедничката борба против оние, кои го користат тероризмот за своите политички цели.“ Портпаролот Гибс додаде дека САД се подготвени да и’ понудат на Москва секаков вид на помош во врска со нападот.

Германската канцеларка Ангела Меркел му изрази длабоко сочувство на рускиот претседател Дмитри Медведев, како и на најблиските на жртвите и повредените. И таа како и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле нагласија дека се згрозени од варварскиот чин, што не може со ништо да се оправда.

Истражната постапка покажа дека експлозијата се случила во терминалот за дочекување на патниците во меѓународниот дел на аеродромот Домодедово. Експлозивната направа имала моќност меѓу два и пет килограми ТНТ и била наполнета со парчиња бодликава жица, соопшти официјалниот претставник на Истражниот комитет, Владимир Маркин.

Автор: Горан Чутаноски/ Кристина Нагел/ дпа

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM