1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Медал за заслуги за Македонија“ за ракометарите

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска ги одликува македонските ракометари со „Медал за заслуги за Македонија“. Македонските ракометари го освоија петтото место на Европското првенство што се одржа во Србија.

default

Одличје за борбеноста и успехот на ракометарите

„Македонија ја започна годината победнички. Убеден сум дека успехот што вие го постигнавте ќе продолжи на сите полиња, не само во спортот, туку и во економијата, културата, образованието... Ништо не успева како успехот. Покажавте интегритет и храброст, талент и сила, волја и победничко срце. Такви модели ни се потребни денес во Македонија. Луѓе кои ја обединуваат нацијата. Вие сте современите македонски херои“, рече претседателот Иванов на доделувањето на медалите на македонската ракометна репрезентација.

Македонските ракометари го освоија петтото место на Европското првенство што се одржа во Србија и се пласираа на квалификациите за летните Олимписки игри што ќе се одржат годинава во Лондон.

„Покажавте дека Македонија не мора само да учествува, туку и да победува. Едно е јасно, Европа дозна за потенцијалите на македонскиот ракомет. Од денеска натаму европските тимови ќе бидат навистина загрижени пред секој натпревар со македонските ракометари“, истакна Иванов.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Тој им порача дека за нас тие се шампиони и оти како такви тој е сигурен дека и натаму ќе се трудат да бидат поуспешни и да го постигнат најдоброто.

Пред ракометарите стојат и други успеси

Претседателот на Македонската ракометна федерација Михајо Михајловски е уверен дека ова нема да биде последен успех за македонските ракометари.

„Сигурен сум дека ние можеме и ќе ги поминеме квалификациите во Гетеборг, Шведска и ќе одиме на Олимпијадата во Лондон. Тука нема да биде крајот. Очекувам да ја победиме Австрија и во јануари 2013-та да играме на Светско првенство во Шпанија“, рече Михајловски.

Медалите на ракометарите им се доделуваат за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во ракометот на меѓународен план и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во земјата.

Претходно на Универзитетот ФОН им беа доделени почесни дипломи.

Автор: ЖА/БГ/миа

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM