1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Медал за диригентот Даниел Баренбоим

Израелскиот диригент Даниел Баренбоим, го доби медалот Бубер-Розенцвајг, за својот придонес во помирувањето на Евреите и Арапите. Медалот му е доделен во рамки на христијанско-еврејската ”Недела на братство”, која треба да го поттикне помирувањето и дијалогот на евреите и христијаните. Неделата се организира од 1952 година, а манифестациите во голем број градови во Германија, треба да му дадат поддршка на

разбирањето меѓу конфесиите, но и да ја поддржат борбата против антисемитизмот и десниот екстремизам.

”Баренбоим не е политичар, туку музичар. Но, тоа што тој го постигна за мировниот процес на Блискиот исток, неговиот придонес за помирување на Србите и Хрватите, се се разбира успеси во политичката сфера”, изјави во својот говор претседавачот на АРД, Јобст Плог.

Тој особено го истакна проектот на Баренбоим ”Западно-источен диван”, оркестар на млади Израелци и Арапи, кои не само што заедно свират, туку и заемно се слушаат. За 61 годишниот Баренбоим, признанието е, како што рече, голема чест. Тој бара еднаков третман на сите луѓе што живеат во Израел. Од братството доаѓа слобода, еднаквост и прифаќање. Така, како што различни музичари свират во еден оркестар, можат да живеат и различни луѓе во една држава.

”Претставете си – секој да свири исто. Тоа би бил најздодевниот концерт на светот. Но, прифаќањето дека може да се свири и на друг начин, тоа е важно правило на музиката. И, тоа мораме сите да го научиме. "

Баренбоим е роден на крајот на Втората светска војна како син на еврејско-руски имигрант во Аргентина. Израснал во Израел, а денеска живее во берлин. Пред него медалот Бубер-Розенцвајг го добија и германскиот претседател, Јоханес Рау, музичарот Јехуди Менухин и министерот за надворешни работи, Јошка Фишер.