1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мега-проект Истанбул 2010

Економската и уметничка метропола на Турција, Истанбул заедно со унгарскиот Печуј и германскиот Есен доби голема шанса како „ Европска културна престолнина“ во 2010. Но, покрај шанса, титулата може да носи и тежок товар.

default

Метрополата на Босфорот ќе биде во фокусот на културната јавност во Европа

Во големиот центар за конвенции во убавиот хотел Хилтон во Истанбул на 11 декември владееше голем метеж. Со посебен закон основаната агенција за проектот Европска престолнина на културата ја соопшти конечната програма за Истанбул 2010. Таа предвидува реновирање на Аја Софија и разубавување на старата Палата на султанот. Ќе биде отворен и археолошки парк, една напуштена синагога ќе биде повторно отворена, а една ерменска црква ќе биде претворена во културен центар. Писателот Орхан Памук и турскиот филм ќе добијат свои музеи. За првпат турско-муслиманскиот Истанбул го согледува своето византиско и грчко минато. Огномет на уметност, ерупција на културата, така Истанбул се презентира како Културна престолнина на Европа.

Истанбул како бренд

Hagia Sophia Museum, Türkei

Аја Софија ќе биде реновирана во рамките на проектот Истанбул 2010

Првото мото гласи: „Ниту еден град во светот не инспирира посилно од Истанбул“:

„Да, Истанбул е град кој инспирира. Тука живее едно сосема избрано друштво и никој не знае колку романи, театарски претстави, опери, балети и други нешта се создаваат овде и никој не знае колку фимови се снимаат тука и колку се создаваат уметнички дела кои не‘ маѓепсуваат и ни‘ даваат нова индпирација. Затоа им аплаудирам на уметниците меѓу нас.“

Уметноста е работа на уметниците и на љубителите, кои разбираат нешто од тоа. А еден град кој има многу уметници и уметност е нешто како регистрирана марка. И тоа се исплатува. Вака или слично може компактно да се опише ударната насока на полтиката на Истанбул како културна престолнина. Тоа е опфатено во второто мото: „ Енергијата доаѓа од Истанбул“.

Меѓутоа , културна престолнина како негување на имиџот, како стратегија во глобалниот натпревар меѓу градовите, на почетокот не беше идејата водилка за кандидатурата за титулата „ Културна престолнина Истанбул 2010“. На почетокот имаше иницијативен одбор, кој имаше поинакви намери и поинаку ја сфаќаше културата. Тој во Брисел лобираше и успеа во намерата ЕУ да го номинира Истанбул. Серхан Ада , доцент за културно планирање во Универзитетот Билги во Истанбул беше во одборот кога се случуваше ова.

Според него, на Иницијативниот одбор му биле поважни други работи отколку позиционирањето на Истанбул на глобалниот пазар.

„Истанбул сака да биде место каде што ќе се вози Формула 1, каде што ќе се одржуваат Олимписките игри или Генерално Собрание на НАТО. Истанбул сака да стане бренд, центар за конференциски туризам. Се’ е тоа добро и убаво. Но, зошто културна престолнина? Ако веќе се сака тоа , тогаш поради други цели , ве молам.“

Да се отслика културното изобилство

Türkei Schriftsteller Orhan Pamuk

Нобеловиот лауреат Орхан Памук ќе добие свој музеј во Истанбул

Не станувало збор во прва линија за имиџот на Истанбул туку за жителите на 12 милионскиот град, кои со номинацијата на Истанбул за Културна престолнина добиле можност да соучествуваат во славењето на нивниот град.

Серхан Ада соработувал и во изготвувањето на програмата за „Истанбул 2010“ , но кога видел дека таа тргнува во поинаква насока , бргу се откажал од тоа.

Инаку, жителите на Истанбул досега малку учествуваа во проектот и сега треба со помош на рекламни кампањи да се воодушеват од она што ги очекува во нивниот роден град во наредната година.

Меѓутоа и покрај сите критики проектот Културна престолнина 2010- Истанбул е голема работа . За првпат се претставува еден град кој се’ уште отсликува многу од она што значи да се биде Европеец, толку самоуверено , толку европски и урбан. Во културната програма на мега- проектот 2010 за првпат на сцената се појавува и културата на националните и религиозни малцинства, Грците, Евреите, Ерменците и за првпат се отсликува културното изобилство на Истанбул.

Автор: Гинтер Зојферт / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска