1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

МВР ќе ја процесуира кривичната пријава за „Шпион“

Доцна синоќа на слобода беше пуштен режисерот Борис Дамовски, кој изјави дека бил испрашуван за врските со приведените во полициската акција и дека со него се однесувале многу коректно.

Денеска истекува законскиот рок од 24 часа, во кој МВР треба да процесуира кривична пријава за дел или за целата група приведени лица, осомничени за шпионажа, злосторничко здружување, измама и уцена. По нивното изведување пред истражен суд, од полицијата најавуваат дополнителна прес-конференција. Синоќа до доцна во ноќта траеја разговорите на приведените со службеници на МВР во неколку полициски станици во Скопје. Околу 22 часот на слобода беше пуштен режисерот Борис Дамовски, кој за интернет телевизијата „Нова“ кратко изјави дека бил испрашуван за врските со луѓето приведени во полициската акција и дека со него се однесувале многу коректно. Тој беше еден од 17 приведени во вчерашната полициска акција „Шпион" за која криминалистичката истрага траела две години. Меѓу приведените има двајца вработени во Агенцијата за разузнавање, еден во Собранието, актуелни и поранешни вработени во МВР, во одбраната, Државниот архив, Управата за финансиско разузнавање, но и сопственици и вработени во приватни фирми.

Божиновски: Сѐ што знам, го кажувам јавно

Осомничени се вкупно 22 лица, по три лица се трага, а од двајца веќе издржуваат казна затвор по друга основа.

Приведените се сомничат дека соработувале со странски безбедносни служби и дека оддавале државни тајни и класифицирани информации со различен степен. Дел од осомничените обезбедувале и податоци за лица од јавниот живот и бизнис-заедницата и со закани изнудувале пари. Меѓу осомничените е и новинарот Зоран Божиновски, сопственик на порталот „Буре весник" кој пет години живее и работи надвор од Македонија. Вели дека „живее на Балканот" и дека од медиумите дознал дека го сомничат за тешко кривично дело.

„Пишувам со години и објавувам сѐ што ќе дојде до мене од пријатели, непријатели и од непознати луѓе. Сѐ што сметам дека е релевантно да го знае македонската јавност, го објавувам на Фесјсбук и на мојот портал. Дел од приведените извонредно ги познавам и комуницирам со нив со години, со повеќето не сум комуницирал повеќе од две години. Јас верувам дека моја вина е тоа што сум објавувал. Може и сум соработувал со некоја тајна служба, а јас да не знам. Тоа ќе треба во процедура да ми се каже за да знам за што разговараме. А како се работи со тајна служба со јавно објавување информации? Се што имам, се сум објавил. Јас ништо не чувам во архива", изјави Божиновски за „Нова". Во еден од последните текстови што го објави на порталот, Божиновски обвини дека МВР следи и прислушува ЕУ-дипломати преку високософистицирана прислушна и форензичка опрема набавена во матна процедура.

Партиите и експертите молчат

Како никогаш досега, во експертската јавност владее молк за последната акција на МВР.

Поранешни раководители на безбедносни ресори и експерти не сакаат да ги коментираат сознанијата на полицијата, со образложение дека е многу нејасно дали станува збор за група поврзана во мрежа или за активности на индивидуалци приведени во иста акција. Велат, дека засега не е јасно дали сите се сомничат за шпионажа или дел само за уцени и измами. Со исклучок на СДСМ, акцијата на МВР остана и без реакции на политичките партии, кои вообичаено ја поздравуваат секоја акција насочена против криминалот и корупцијата.

Социјалдемократите, пак, обвинија дека во Македонија интензивно расте бројот на политички затвореници.

„Очигледно власта е подготвена да ги преполни затворите со луѓето што ѝ се спротивставуваат. Насилнички гонат, апсат, судат и пресудуваат, лустрираат, казнуваат. Режимот на Груевски не може да поднесе луѓе кои аргументирано го докажуваат криминалот на семејниот клан на премиерот. Ване Цветанов, поранешен директор на Агенцијата за спречување на перење пари, постојано јавно го прозиваше Груевски за штитење лица од неговото најблиско опкружување за проневера на милионски суми пари на граѓаните на Македонија", обвини СДСМ.

Голем тест за судството

Слаѓана Тасева, професорка по кривично право и претседателка на „Транспаренси Интернешнел" вели дека ваков тип на масовни апсења имало и порано во обид да се прикаже ефикасност во борбата против криминалот. Според неа исходот од овој тип акции најчесто бил неповолен за обвинителството, кое ги прифаќа пријавите, бара за лицата да биде определена мерка притвор, но нема доволно добри докази со кои ќе ги одбрани обвиненијата.

„Тоа се случи во повеќе случаи на обвиненија за организиран криминал и корупција. Специфично во овој случај е дека со апсењата се опфатени лица кои порано биле дел од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како нејзини основачи и високи функционери, но и новинари и уметници. Заедничка карактеристика е што тие на еден или на друг начин изразиле критика кон власта.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht Eingang

Посебна специфика е апсењето на шефот на кабинетот на Претседателот на Собранието, што на акцијата и дава посебна тежина од аспект на нивото во администрацијата кое се опфаќа со неа. Ова е надополнето и со апсење на припадници на безбедносните структури и тоа како од Агенцијата за разузнавање, која е под директна контрола на претседателот, така и од службата за контраразузнавање, што е дел од МВР. Во официјалните информации не се прави разграничување кој од упасените го сторил кривичното дело шпионажа, но очигледно е дека сите се товарат за злосторничко здружување во рамки на кои се правеле и уцени. Иако постојат претходни искуства на масовни апсења и притвор пред да биде напишано обвинението, овој случај ќе биде посебен предизвик за правосудниот систем. Кривична постапка за шпионажа не била водена во историјата на независна Република Македонија. Во услови на силно политизирано општество најголем предизвик да покаже дека не станува збор за политички туку за кривично-правен процес, ќе постои за судството во Македонија кое не се смета за независно. Кај мнозинството граѓани преовладува мислењето дека обвинителството и судовите се под контрола на извршната власт", вели Тасева.

Шпионажата како кривично дело е опфатена во членот 316 од Кривичниот законик, со кој се предвидени од три до десет години затвор за лица што државната тајна ќе ја соопштат или ќе ја направат достапна на лице или странска државна организација или ако за странска разузнавачка служба прибираат податоци и ја помагаат нејзината работа. Како државна тајна се сметаат податоците или документите што со закон или друг пропис или одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени за државна тајна и чие откривање имало или можело да има штетни последици за политичките, економските или воените интереси на Република Македонија.