1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мајстор на екстремите

Повеќе од 20 филмови за десет дена. Тоа е квотата што мора да ја оствари Вернер Херцог на Берлиналето. Прочуениот германски режисер е претседател на жирито на 60 издание на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин.

default

Вернер Херцог

За Херцог навистина ќе биде предизвик да изгледа 20 филмови за десет дена. Нормално тој гледа два до три филма годишно. Херцог изненади со ваквата изјава пред кусо време непосредно пред да биде назначен за претседател на жирито на Берлиналето. Дали изборот на човек кој ретко оди во кино за најодговорен за доделувањето на Златната и Сребрените мечки е добар или лош предзнак? И зошто, всушност, Вернер Херцог не оди речиси воопшто во кино?

Веројатно Вернер Херцог нема време да оди во кино. Режисерот веќе неколку години живее во Лос Анџелес. Тој е многу продуктивен и снима еден филм по друг. Пред неколку години никој не можеше ни да претпостави дека токму Баварецот Херцог некогаш ќе фати чекор во Холивуд. Конечно неговите колеги полиглоти од „Новиот германски бран“, Вим Вендерс и Фолкер Шлендорф веќе одамна раскрстија со Америка и се вратија во татковината. Херцог наспроти тоа штотуку го прави наредниот чекор во неговата извонредна кариера. Тој снима во Америка со голем буџет и со ѕвезди како Кристијан Бејл и Николас Кејџ. Но, режисерот роден во 1942 година во Минхен и израснат во баварската провинција, секогаш бил подготвен за изненадувања:

„Јас не верувам дека тоа се навистина екстремни филмови. Тука човек мора да биде навистина претпазлив. Јас верувам на пример дека филмовите со Парис Хилтон се многу поекстремни...“

Херцог и Кински - филмска двојка за историјата

Werner Herzog und Klaus Kinski

Херцог (лево) и Клаус Кински за време на снимањето на еден од нивните заеднички филмови

Отсекогаш Херцог морал да се брани од критиките дека тој е режисер на екстремите. Но, него го одликува и тоа што ваквите критики секогаш знаел да ги отфрли со добра порција хумор.

Тој и Клаус Кински неколку години беа неверојатна спрега, која остави траги во германската, но и во светската историја на филмот. Веќе со првиот филм „Агуире, гневот божји“ но и со оние што следуваа Херцог и Кински создадоа незаборавни филмски остварувања и ликови, кои исто така кажуваат многу и за самиот режисер.

„ Нему мора да му се припише посебна улога, зашто Вернер Херцог има погледи кои во дел се насочени кон интроспекција, но исто така и кон екстремни искуства, кои човек не може да ги издржи и пред кои веројатно ги затвора очите.“

Исто како историчарот на филмот Улрих Грегор и многу други љубители на филмовите на Херцог беа, пред се`, фасцинирани од искуствата кои ги доживуваат филмските ликови на Херцог. Екстремните ситуации кај него се правило, како на пример во филмовите „Енигмата на Каспер Хаузер“, „Вампирот Носферату“ и се разбира „Фицкаралдо“.

Flash-Galerie Berlinale Filmfestspiele Goldener Bär

Херцог е најодговорен за годинешното доделување на главната награда на Берлиналето- „Златната мечка“

Херцог фати чекор во Холивуд

Соништата можат да поместуваат планини. Кредото на Фицкаралдо би можело еден на еден да се пренесе и на Херцег. Кога овој режисер нешто ќе замислеше со неговата баварска тврдоглавост и го остваруваше. Неговите дела добиваа големи филмски признанија, весниците беа полни со извештаи за снимањата на неговите филмови а препирките со Кински имаат култен карактер. Сите филмови на Херцог не се ремек дела, но десетина од нив заземаат значајно место во филмската историја. Пред да дојде Кински, режисерот во филмовите како „Знаци на живот“ и „Дури и џуџињата започнале мали“ на големото платно донесе потресни портрети на бизарни аутсајдери од провинцијата и на „Новиот германски бран“ му даде една сосем посебна нота.

По „Фицкаралдо“, ескападите на Кински и бројните оригинални документарни филмови , Херцог кој е многу приврзан за неговата татковина, успеа да фати чекор со холивудскиот систем. На последниот филмски фестивал во Венеција два негови филма „Лошиот поручник“ и „Сине, сине што направи?“ беа во главната натпреварувачка програма. Непосредно по годинешново Берлинале „Лошиот поручник“ ќе започне да се прикажува во германските кина. Дотогаш Херцог конечно и самиот ќе има време да седне пред големото платно. Одлуките на годинешниот претседател на жирито на Берлиналето можат да се очекуваат со нетрпение.

Автор: Јохен Киртен / Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев