1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мајстори во изговори

Изговори. Тие и` го дадоа главниот белег на Меѓународната конференција за безбедноста во Минхен, која заврши вчера(07.02.2010). Сепак, политичарите демонстрираа дека изговорите доаѓаат во многу различни форми.

default

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи на Минхенската конференција

Повеќе од четириесет години Конференцијата во Минхен е место на кое се слушаат особено јасни зборови. Таа живее од тоа што политичарите таму даваат јасни изјави. Оваа година година организаторите сакаа уште повеќе, имено-резултати. „Нема веќе изговори“, ова беше мотото на годинешниот собир.

Но, мотото е една работа, праксата е друга. Уште на отворањето на Конференцијата светот слушна, пред се`, едно од Манушер Мотаки, иранскиот министер за надворешни работи: изговори. Изговори за тоа зошто Иран не може да се откаже од облагородувањето ураниум, иако Советот за безбедност на ОН веќе долго го бара тоа од него.

„Нашите активности им се на увид на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија! Зборувате за откажување од облагородувањето ураниум. Тоа го правиме веќе две години, на барање на меѓународната заедница и што беше резултатот? На крајот ни беше кажано дека не смееме да облагородуваме ураниум“, истакна Мотаки со бизарен, провокативен и самобендисан тон.

Sicherheitskonferenz in München

Карл-Теодор цу Гутенберг

Често употребувано „оружје“

Меѓутоа, мајстор на финтите и изговорите не е само режимот на Иран. И од западните демократии јавноста во Минхен слушна многу изговори. Изговори, на пример, зошто економски моќната Европска унија се` уште не ја презема меѓународната одговорност, што партнерите веќе со години ја бараат од неа. Или, пак, изговори зошто свет без атомско оружје е пожелен, но моментално неостварлив.

И германската влада посегна по изговорите. Таа точно знае дека во Авганистан се потребни поголем број странски трупи, за да се зборува барем за можно стабилизирање на ситуацијата. Исто така, владата во Берлин добро знае дека дополнителните 500 војници, што реши да ги испрати, се многу мал придонес за остварувањето на оваа цел. Германскиот министер за одбрана, Карл-Теодор цу Гутенберг, главната одговорност ја префрли на самиот Авганистан:

„Зависи од волјата на сите засегнати дали стратегијата за Авганистан ќе функционира, а во најголема мера зависи од волјата на самите Авганистанци. Важно е авганистанската влада да ги проследи своите зборови со дела.“

Трагичен резултат

Можно е некогаш во иднина да се сеќаваме на годинешната Меѓународна конференција за безбедноста во Минхен како место на кое беа уништени последните надежи за решавање на спорот околу атомската програма на Иран. На крај, и тоа е некаков резултат - за жал, трагичен.

Автор: Андреас Нол/ Трајче Тосев

Редактор. Жана Ацеска