1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Мајнц со најдобар скор во Европа

Екипата на Мајнц, предводена од капитенот Николче Новески, продолжува со успешната фудбалска приказна. Тимот е на врвот од Бундеслигата со седум победи во седум кола. Шампионот Бајерн, пак, е во се’ подлабока криза.

default

Фудбалерите на Мајнц слават уште една победа

Што се случува со Баварците? Прашањето се наметнува по поразот што шампионот го доживеа од Борусија во Дортмунд, со 2:0. На Баварците во последно време тешко им оди со постигнување голови. Така беше и во вчерашното дерби. Напаѓачот на Дормунд, Парагваецот Лукас Бариос го отвори резултатот во второто полувреме, а турскиот играч од средината Нури Шахин го постигна вториот гол за Борусија, оставајќи го Бајерн 12-ти на табелата, и со 13 бодови негатива во однос на лидерот Мајнц. По победата, Дортмунд е на второто место, со само три бодови помалку во однос на Мајнц. Новиот играч на репрезентацијата Кевин Гроскроиц е задоволен од постигнатото.

„Сите сме задоволни. Навивачите се среќни, и овој момент треба да се прослави. Победата е заслужена и на неа чекавме навистина долго.“

Fußball Bundesliga Dortmund München

Сцена од мечот Борусија Дортмунд- Бајерн Минхен

Мајнц ужива во успехот

Тимот од Мајнц ја слави седмата победа на седмиот натпревар во сезоната.

Со 4:2 го победи тимот на Хофенхајм. Ваков скор во лигата досега имаат постигнато само Бајерн Минхен и Кајзерслаутерн. Мајнц е тимот број еден. Навивачите танцуваат од радост, но дали тоа може да им се дозволи и на играчите?

„Секако дека може! Младите момчиња завршија одлична работа. Се разбира дека во овој момент треба да се опуштат и да уживаат во победата“, вели тренерот на Мајнц, Томас Тихел.

Освен тимот на Мајнц, пријатни изнанадувања приредува и тимот на Фрајбург. Совладувајки го Келн со 3:2, тимот на тренерот Робин Дут се искачи на петтото место на табелата.

„Тимот е ментално силен, оставивме добар впечаток, и повеќе од задоволни сме од собраните поени по 7 одиграни натпревари.“

На Штутгарт не му оди ништо од рака

Fußball Bundesliga Stuttgart Frankfurt

Фудбалерите на Штутгарт со наведнати глави го напуштаат теренот по мечот со Ајнтрахт

Неочекувано, тимот на Нирнберг го совлада Шалке 04. Екипата од Гелзенкирхен во клучен период од натпреварот остана без еден играч. Во 53-тата минута, Џермејн Џонс заработи втор жолт картон.

Хамбургер ја прекина негативната серија. Тимот на Армин Фе направи пресврт против Кајзерслаутерн, кој првото полувреме го заврши со позитива 1:0, за на крајот Хамбургер да слави со 2:1.

„Бевме приморани да победиме по секоја цена, тоа и го постигнавме.“

Мизеријата на Штутгарт продолжува, по поразот на домашен терен од Ајнтрахт Франкфурт. Домаќините силно се бореа во завршната фаза од натпреварот, но голот на Погребњак во 85 минута не беше доволен за позитивен исход. Покрај тоа, на напаѓачот Какау му беше поништен навидум регуларен гол во последните минути од натпреварот:

„Сметам дека во моментов ништо не ни‘ оди од рака. Но, не смееме да се предадеме. Мораме овој момент да го искористиме, да се подготвиме и да го извлечеме најдоброто од ваквата ситуација.“

Ова е трет пораз во низа за Штутгарт, кој останува на дното на Бундеслигата. Франкфурт со 9 поени е на десеттото место.

Санкт Паули го изненади Хановер

Вердер Бремен одигра возбудлив натпревар со Бајер од Леверкузен кој заврши нерешено 2:2. Прво водеше Леверкузен, па потоа Вердер, а на крајот двата тима се задоволија со по еден бод. Исто така нерешено одиграа Борусија Менхенгладбах и Волфсбург, со конечен резултат 1:1.

Колото промотивно го отвори победата на Санкт Паули со 1:0 против Хановер. Тренерот Холгер Станиславски беше задоволен од играта и од дисциплината на неговите играчи.

„Навистина завршивме добра работа и заслужено ги добивме трите бода“, рече Станиславски по натпреварот.

Автор: Оливија Фриц / Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска