1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мајкрософт го згасна Хотмејл

Компанијата Мајкрософт објави дека го завршила префрлањето на сите постојни Хотмејл (Hotmail) адреси на сервисот за електронска пошта Outlook.com, со што популарниот Хотмејл е целосно згаснат.

default

Хотмејл отиде во историјата

Притоа, според пишувањата на американските медиуми, корисниците не мораат да ги менуваат своите адреси со суфиксот hotmail.com. Мајкрософт ги пренасочил на outlook.com, кој бележи пораст на корисниците и во моментов на овој сервис се активни околу 400 милиони корисници.

Според тврдењата од Microsoft, ваквата операција воопшто не билa леснa да се изведе, бидејќи требало да бидат преселени стотици милиони активни сметки, со околу 150 милиони гигабајти податоци, вклучувајќи електронска пошта, календари, контакти и лични постови на сите кориснички сметки. Овој процес траел цели шест седмици.

„Веруваме дека луѓето ќе го засакаат Аутлук повеќе отколку што го сакаа Хотмејл. Внимателно ослушнуваме што коментираат нашите корисници и ќе ги направиме сите прилагодувања и промени за да бидат уште позадоволни“, изјави програмскиот менаџер на Мајкрософт Дик Крејдок.

Инаку оutlook.com има сосема поинаков изглед и навигација од hotmail.com, а повеќето нови функции се веќе видени во новиот оперативен систем Windows 8. Новиот сервис, исто така, на корисниците ќе им овозможи полесна интеграција на сервисите на социјалните мрежи како што се Фејсбук, Твитер и ЛинкдИн.

Еден од најпопуларните сервиси за електронска пошта - Хотмејл, беше претставен во 1996 година, кога беше независна компанија, којашто Мајкрософт ја купи во 1998 година за 400 милиони американски долари.