1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Масовни протести во Украина

Десетици илјади проевропски демонстранти повторно се собраа во украинскиот главен град Киев на протести против државното раководство на чело со претседателот Виктор Јанукович.

На почетокот на демонстрацијата на Плоштадот на независноста (Мејдан) во центарот на Киев се собраа околу 50 илјади луѓе, а бројни дополнителни демонстранти беа и во околните улици, како што јавуваат дописниците на новинската агенција АФП. Покрај протест против владата, опозицијата повика и на искажување солидарност кон новинарката Татјана Шорновил, која во ноќта кон средата беше брутално претепана.

Собирот на Мејдан беше шеста протестна манифестација на опозицијата поради политичкиот курс на владата. Протестниот марш потоа продолжи во правец на силно обезбедуваната резиденција на Виктор Јанукович, на околу 15 километри надвор од Киев. На околу 300 метри од зградата демонстрантите развиорија знамиња на ЕУ и на Украина, извикувајќи „Долу бандата“. Лидерите на опозицијата најавија натамошни протестни акции пред куќата на шефот на државата.

Бројни Украинци веќе со недели протестираат против Јанукович, кој во ноември го откажа потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ, веројатно под притисок на Русија. На демонстрациите учествуваа стотици илјади луѓе. Минатиот викенд се покажа дека во меѓувреме учеството опаѓа. Во неделата на протести се собраа само околу 40 илјади граѓани.

Пред две недели рускиот претседател Владимир Путин по средба со Јанукович во Москва најави дека Русија ќе ја намали цената на гасот за Украина за околу една третина и најави инвестирање на околу 11 милијарди евра во украински државни обврзници.