1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Масовни протести во САД против шпионирањето

Активистите од движењето Четврти амандман вчера протестираа во најмалку 20 градови на САД поради незаконското следење на интернет и телефонските комуникации на граѓаните.

Протестите под мотото „Ден 1984“, по романот на Џорџ Орвел за ултрамодерната држава која ги надгледува своите граѓани, се одржаа во Њујорк, во Сан Франциско, во Лос Анџелес, во Вашингтон и во други градови. Со протестите се бара да престане „неуставното следење на дигиталните комуникации“.

„Со овие протести испраќаме многу гласна порака до нашите претставници дека мора да го обноват четвртиот амандман и да поддржат закон за укинување на дозволата на Националната безбедносна агенција (НСА) за масовно набљудување на американските и странските граѓани, ако сакаат да ја заслужат нашата доверба“, се наведува на интернет-страницата на Четврти амандман.

Движењето се формира откако поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден обелодени дека НСА ги прислушува телефонските разговори и ја следи интернет комуникацијата на граѓаните.