1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Масовни протести во Рим против невработеноста

Повеќе десетици илјади демонстранти излегоа на денешните протести во Рим, повикувајќи ја италијанската влада да создаде повеќе работни места и да ја зголеми потрошувачката моќ на работниците.

Протестот се случи на помалку од два месеци од стапувањето на функција на новата италијанска влада, која претставува десно-лева коалиција. На демонстрации излегоа и вработени и невработени лица. Протестот беше одржан поради рекордната невработеност во земјата. Незадоволните Италијанци побараа премиерот Енрико Лета да направи нешто повеќе за ова прашање од повторување на празна реторика.

„Повеќе нема време за губење. Синдикатите сметаат дека е ургентно вработувањата да се вратат како врвен приоритет на политичката и економска агенда“, стои во заедничката изјава на трите најголеми синдикати во Италија.

„Инвестициите, прераспределбата на приходите и заздравувањето на потрошувачката се суштински за поддршка на наштата економија“, стои во соопштението на италијанските синдикати.

Проценките за масовноста на денешните протести во Италија се различни и се движат од повеќе десетици илјади до повеќе од 100.000. Лидерите на синдикатите порачаа дека „во земја во која главната грижа е колку долго ќе трае владата нема повеќе време за ветувања и изјави“.

Невработеноста во Италија се искачи на 12 проценти. Но, таа меѓу младите на возраст од 15 до 24 години достигна огромни 40,5 проценти. Третата најголема економија во еврозоната влезе во рецеција на крајот од 2011 година, со долг кој изнесува 120 проценти од Бруто домашниот производ.